Трите пензиски друштва го одбележаа почетокот на кампањата „Засади желба за поубава иднина“ која има за цел да ги едуцира и активира младите.
Едукативни и информативни кампањи за придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд се организираат веќе 6 години наназад од страна на Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје и се насочени кон целото население.
Но, оваа година пензиските друштва прават чекор повеќе со кампањата „Засади желба, за поубава иднина“ во чии рамки се планирани едукативни и општествено-одговорни активности со кои сакаат преку пример да им прикажат на младите генерации дека секоја денешна постапка може да биде инвестиција во процесот на градење поубава иднина на долг рок, но и да ги мотивираат да станат активни учесници во грижата за животната средина.
За таа цел, еден од новитетите кој ќе го донесе овогодинешната кампања е создавањето „Пензиски паркови“ во 4 средни училишта: СУГС „8ми Септември“ – Скопје, СОСУ „Св.Кирил и Методиј“ – Охрид, СОУ „Кочо Рацин“ – Свети Николе и СМУГС ,,Д-р Панче Караѓозов” – Скопје.
„Оваа година кампањата ја насочивме кон активирање на промени за еколошки и социјални цели, за да ги поттикнеме, мотивираме и инспирираме младите генерации, со цел поставување нови стандарди за подобра и поквалитетна средина за живеење.
Би сакале оваа наша активност да прерасне во традиција која сите ќе ја негуваме,“ изјави Весна Стојановска, генерален директор на КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје.
Организаторите објаснуваат дека ова е само почеток, се стремат кон тоа ваквите активности да станат редовна пракса, за да се опфатат што е можно повеќе училишта низ државата во кои ќе заживее грижата за иднината преку симболиката на зелените паркови.
Покрај младата популација, оваа кампања ќе допре и до широката јавност, со цел да се обезбедат што е можно повеќе индивидуални позитивни примери преку кои целото општество ќе се доближи до поубава иднина кон која се стремиме сите.
„Симболиката на оваа кампања е во уделот кој крајните корисници го имаат во планирање на сопствениот живот и иднина. Велат, ако размислувате долгорочно засадете дрво, а ако размислувате уште подалеку, тогаш едуцирајте ја младината.
Токму затоа, ние како пензиски друштва со активна поддршка од МАПАС, се посветивме на изнаоѓање креативни начини за продлабочување на свеста на младите за обезбедување на материјална сигурност,“ изјави Маријан Николовски, член на Управниот одбор (УО) во Триглав пензиско друштво а.д. Скопје.
Според Петар Талески, член на УО во Сава пензиско друштво а.д. Скопје, реформата на пензискиот систем секогаш е актуелна тема, од моментот кога се појави на националната сцена во 2002 година, па сѐ до денес, кога пензиите се гледаат како клучен елемент на заштеда.
„Она што е потребно за во иднина е вториот и третиот пензиски столб да станат поразбирливи и поприемчиви за граѓаните, за да се формира свест и навика за долгорочно и посветено штедење кај поединците, но и кај деловните субјекти,“ изјави Талески.
Тој додава дека во ситуација кога во оваа земја постои голема потреба за понатамошна изградба на инфраструктура, секако треба да се размислува за долгорочна насока на можност на инвестирање на пензиските фондови во таа инфраструктура, односно спроведувањето на вакви потенцијални активности во иднина да можат да бидат корисни како од аспект на државата и нејзината инфраструктура, така и од аспект на економијата.
Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба, за поубава иднина!“ ќе бидат достапни на веб страната www.penzija.mk.