еМагазин
Image default
Локално

Бугарите го одбраа Делчево за посакувана дестинација за дочек на 2022 година

Делчево и годинава е викенд дестинација за голем број бугарски државјани кои Новата година ја дочекаа во некој од рестораните каде беше организиран дочек на новата 2022 година.

Меѓу нив на прошетка во градот го затекнавме и четиричлено семејство од Асеновград, соседна Бугарија, кои за МИА истакнаа дека се чести гости во малото македонско гратче.

-Мора да признаеме имавме многу убав „помин“ на Новата година. Имаме прекрасна храна во блискиот ресторан каде славевме. И децата се задоволни. Бевме и до блискиот пазар, така што прекрасно е. На сите македонски граѓани им посакуваме среќни празници, истакна семејството од Асеновград.

Меѓу посетителите за празничниот Новогодишен викенд во Делчево имаше и гости од бугарскиот град Пловдив. И тие како дел од анкетата за МИА посочија дека храната е она што најмногу ги привлекла да се одлучат дочекот на Нова година да го „резервираат“ во делчевски угостителски објект.

-Многу е убаво, за храната немам зборови, а за луѓето, имаат златни срца, навистина прекрасно. За новата година посакувам сите заедно да се собираме и да славиме како два братски народа, истакна посетител од Пловдив, кој заедно со сопругата и пријатели исто така го посетија Градскиот пазар во Делчево.

Освен за дочек на Најлудата ноќ во годината, гости од соседството беа забележливи и во локалните маркети и продавници каде бугарски граѓани рекоа дека се враќаат од прослава на Нова година во Виница, а патем си купуваат поевтина храна со која ќе ја збогатат трпезата за останатите празници кои следуваат.

Ваквите примери даваат надеж дека со враќањето на бугарските туристи во Делчево, локалната економија повторно ќе заживее, со што ќе се врати добриот глас кој го „биеше“ Делчево пред корона-пандемијата како примамливо туристичко место со одлична гастрономска понуда.

МИА/Фото: Општина Делчево

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Маж починал во ходник во Поликлиниката во Драчево

Редакција

„Јас внимавам и безбедно возам“ – дефиле на велосипедисти и мотоциклисти за поголема безбедност во сообраќајот

Редакција

Бебе почина на Клиниката за детски болести

Редакција