еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Ботокс и бразилски задник се хит третмани кои жените ги бараат на Клиниката за пластична хирургија, вели хирургот Пеев

Жените во Македонија се повеќе внимание посветуваат на нивниот изглед и тело, а ковид-пандемијата не го успорила, напротив го зголемила интересот за разубавување.

Хирургот од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје, Игор Пеев смета дека во периодот на изолации, заради поголемото време посветено на себе, а и заради непотрошените буџети по други основи, интересот бил зголемен и тој се уште трае.

„Имам чувство дека луѓето сакаат да станат подобра верзија од себе во ова невреме, за да се покажат во поубаво светло кога ќе дојде време, време на слобода. Ме радува и фактот што нашите жени се повеќе внимание посветуваат на својот изглед и тело,“ вели Пеев во интервју за еМагазин.

Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје во континуитет го следи трендот на естетската медицина, и тоа со учество на лекарите на конгреси, вебинари, но и со долго времени престои во високо квалификувани центри од таа област во светот.

„Нашата Клиника како дел од терциерното здравство го носи најтешкиот товар кога е во прашање лекувањето на пациентите со реконструктивни и општо-пластични индикации за третман, но воедно се третираат и пациенти кои од чисто естетска природа се обратиле кај нас.

Во однос на естетските интервенции Клиниката бележи значителен раст во обртот на пациенти споредбено, еве на пример во однос на пред 10 години, што се должи на задоволството на пациентите како и на следење на трендовите кои во оваа гранка и тоа како се битни.

Често имаме и пациенти од странство кои, заради високоиот квалитет и конкурентната цена се одлучуваат да се оперираат кај нас. Воедно, работиме со светски брендови на материјали кои, лично сум се уверил, се користат и во западно-европските земји и Америка.

Јас лично сум бил на неколку месечни престои во Белград, Истанбул, Хамбург, Лајпциг, Тексас итн., каде многу се усовршив во областа на естетската хирургија и медицина воопшто,“ вели Пеев кој воедно е и претседател на Здружението за естетска медицина.

Сите сакаат да изгледаат совршено за една минута

Жените во Македонија најчесто бараат ботокс, затегнувања на различни делови од телото, поткревање на задникот…

„Освен инјекционите третмани, како разни видови филери и неуротоксини (н.з. ботокс) кои бележат астрономски раст во побарувачката, жените најголем интерес пројавуваар за лифтинг процедури (затегнување на лице, очни капаци, гради, стомак), зголемување на гради, операција на нос, липосукции и липотрансфер (липоскулптура), нешто поретко намалување на гради и во последно врме многу популарниот бразилски задник, со или без глутеален имплант (н.з.силикон во задник), кој вообичаено вклучува пренос на масти во задникот земени од друг дел на телото (стомак, нозе, слабини),“ објаснува Пеев.

Советите кои најчесто овој хирург им ги дава на пациентите, кога се консултураат со него за одредени естетески интервенции се „трпение спасение“.

„Сите сакаат да изгледаат совршено во една минута. Тоа е невозможно кога станува збор за операции. Затоа за секоја операција има соодветен период на опоравување и најчесто зборуваме за тоа.

Секако, на коснултација зборуваме и за посакуваните резултати, желбите на пациентот, нашите можности и се запознаваме меѓусебно.

Многу е битно да си веруваме меѓусебно и да воспоставиме баланс меѓу посакуваните резултати и очекуваните резултати, кои не секогаш значат исто. Најсреќен сум кога нема нереални очекувања,“ вели Пеев.

Во однос на чинењето на естетските интервенции тој смета дека истите се релативно прилагодени на наши услови и жените може да си ги дозволат.

„Да не речам, поевтини сме од останатите. Имајте во предвид дека тоа се операции кои се плаќаат приватно во целост и не се покриени од Фонд,“ додава Пеев.

На прашањето, дали имало незадоволни пациенти и што во такви случаи, дали се прават корекции, го даде примерот со корекцијата на носот на Мајкл Џексон.

„Се сеќавате на Мајкл Џексон и неговиот нос што беше опериран неколку пати кај врвни ринолози во САД? Нормално е да има незадоволни пациенти. Секаде има.

Доколку настанат некои непредвидени ситуации и некоја несакана грешка, секој еден сериозен лекар, во тој случај треба да помогне, да не бега од одговорноста и да излезе во пресрет на решавање на тоа незадоволство.

Затоа е битно да се разјаснат сите очекувани резултати пред операција. Корекциите чинат поевтино и се прават во договор со хирургот,“ објаснува Пеев.

Мажите, пака исто така постојат во приказната, бидејќи како што вели нашиот соговорник, никој не е имун на младешкиот изглед.

„Најчесто оперираат нос, клемпави уши, липосукции, корекција на зголемени гради (гинекомастија) и сл. Се почесто доаѓаат за се освежат со некој филер или ботокс. Никој не е е имун на младешкиот изглед, убавина и подобра верзија од себе.

Така што, и мажите стануваат веќе свесни за тоа и така треба да биде. Треба да сме среќни што живееме во време кое ни го овозможува сето тоа,“ потенцира Пеев.

Во однос на нелојалната конкуренција, Пеев вели дека постои во секоја сфера од живеењето, но свесните пациенти знаат да го препознаат квалитетот и услугата и тоа не треба да плаши.

„Треба да не плаши тоа што мислејќи дека ќе добијат подобра услуга пациентите без информации се упатуваат во други земји, обично околните, па потоа дел од нив се враќаат разочарани и бараат помош од нас. Сме виделе се. Всушност, многу од нив не ни знаеле дека вакви операции се прават тука и се зачудени кога ќе разберат.

Во естетската медицина, сме одлично развиени и многу успешни така да можеби треба повеќе да се рекламираме за да ја покренеме јавната свест, но од друга страна па тоа се коси со нашата етика како лекари,“ завршува Пеев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

40-годишниот маж на малолетниците им дал алкохол и лекови за одвикнување од зависност

Редакција

Министерот Милевски ја поднесе оставката до Владата

Редакција

Порнографски видеа и фотографии со девојки и жени од Гевгелиско препраќани на Вибер, Месинџер

Редакција