Бизнис-планот за 2022 година, донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2021 година, предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 8% на консолидираните продажби во однос на 2021 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2021 година, соопшти компанијата преку Македонската берза.
“Бизнис-планот за 2022 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2022 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис планот.
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на Ковид-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото.
Во согласност со очекувањата, во текот на 2021 година здравствената криза се претвори и во економска, а со тоа се појавија и нови предизвици во работењето. Она што како тренд веќе започна уште во 2021 година, а ќе доминира во 2022 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергенсите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака.
Сето ова веќе започна да влијае и на стапката на инфлацијата што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во 2022 година.
Земајќи го предвид конфликтот помеѓу Русија и Украина, започувајќи од 24 февруари 2022 година, Алкалоид АД Скопје превзема неопходни мерки за заштита на инвеститорите, купувачите и вработените обезбедувајќи им сигурни услови.
Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели“, велат од компанијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Алкалоид лани со 214 нови вработувања и инвестиции од 1,1 милјарда денари
Алкалоид лани со раст на приходите за 4% и на добивката за 12%