еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Макпетрол лани ја зголеми добивката за четирипати

Во текот на 2021 година, „Макпетрол“ АД Скопје оствари вкупен приход во износ од 22,48 милијарди денари, кој е поголем од минатогодишниот за 5,72 милијарди денари, односно остварен е раст од 34,15%, информираат од компанијата преку Македонската берза.

“Во текот на 2021 година, продолжи пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, а со тоа и здравствената и економската криза, како на локално, така и на глобално ниво.

На глобално ниво, во најголем број од западните земји, првите знаци на закрепнување на економијата, се почувствуваа уште на почетокот на годината со започнувањето на вакцинацијата против Ковид-19.

Во Република Северна Македонија масовната вакцинација започна во вториот квартал и продолжи сѐ до крајот на годината, што неминовно беше една од причините за олабавување на рестриктивните мерки, а со тоа и за зголемување на економската активност.

Масовната вакцинација на глобално ниво доведе и до релаксирање на мерките за патување, со што повторно се отворија граничните премини и аеродромите, а туристичките патувања беа дозволени за граѓани кои се целосно вакцинирани.

Глобалниот и локалниот развој на пандемијата, а и успешноста на справувањето со истата, неминовно влијае и врз работењето на „Макпетрол“ АД, односно на остварените квартални резултати.

На квартално ниво, вкупните приходи во 2021 година бележат постепена стабилизација. Доколку се исклучи влијанието на трансакцијата за продажба на акцијата во АД „ГА-МА“, може да се заклучи дека вкупните приходи во третиот квартал речиси го достигнаа и предпандемското ниво, како резултат на посветеноста и ангажираноста на Раководството“, велат од компанијата.

Во структурата на приходите, најголем удел со 94,90% имаат приходите од продажба, од кои 91,74% се остварени преку продажба на домашен пазар, а само 3,16% се остварени преку продажба на странски пазар.

“Порастот на приходите, споредбено со минатата година, во најголем дел се должи на зголемените приходи на мало за 30,65%, а истите учествуваат со 87,17% во приходите од продажба.

Трендот на пораст на приходите на мало во годината, се должи на: зголемување на прометот со нафтени деривати за 12,98%, зголемување на прометот на останатиот малопродажен асортиман (ДАС) за 16,22%, значителното зголемување на прометот со метан за 90,39%.

Приходите на големо бележат раст од 17,46%, што во најголем дел е резултат на растот на продажбата на млазно гориво за 82,28%. Продажбата на млазно гориво се зголемува во втората половина на годината, како резултат на олабавувањето на ковид-рестрикциите за патувања“, велат од компанијата.

Вкупните расходи остварени во 2021 година се во висина од 20,95 милијарди денари, што претставува зголемување во однос на минатата година за 4,58 милијарди денари или за 27,95%.

“Порастот во најголем дел се должи на зголемените расходи за набавна вредност на трговски стоки од 31,07%. Набавната вредност го следи трендот на приходите од продажба, што е неминовно со оглед дека истата во апсолутен износ е дел од приходите од продажба, односно зафаќа околу 86% од приходите.

Расходите за набавна вредност на трговски стоки, односно набавните цени, се расходи врз кои Друштвото има лимитирано влијание. Истото се должи на регулирањето на најголем дел од набавните цени на нафтените деривати.

Доколку набавната цена на одреден дериват не е регулирана, истата зависи од комплетно екстерни глобални фактори и движења, како што се цените на нафтените деривати на светските берзи и курсот на денарот во однос на доларот.

Како резултат на остварените приходи и расходи, на крајот на годината, Друштвото оствари позитивни финансиски резултати искажани преку добивка пред оданочување во износ од 1.526,3 милиони денари, која е поголема за приближно четирипати од остварената добивка минатата година кога изнесуваше 381,05 милиони денари“, велат од компанијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Макпетрол лани со 150 нови вработувања и инвестиции од 301 милиони денари

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Алкалоид пушти во употреба нова инвестиција вредна 1,3 милион евра

Редакција

Што треба да знаете за вакцината на АстраЗенека, која прва ќе пристигне во Македонија преку КОВАКС системот

Редакција

Министерот Јетон Шаќири позитивен на Ковид-19

Редакција