Почнува кампањата „Еко енергетска иднина – да планираме заедно!“ со која Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест”, во соработка со „The Nature Conservancy (TNC) ” и Македонска академија на науките и уметностите – МАНУ имаат за цел да ги информираат граѓаните за тековните процеси и нужноста за паметно енергетско планирање низ безбедна и побрза транзиција од фосилни во обновливи извори на енергија со минимално негативно влијание врз природата и луѓето, како и за потребата од соработка меѓу граѓанскиот сектор, Владата, експертите, бизнис секторот и сите релевантни институции.
Организаторите очекуваат кампањата да ја зголеми свесноста за важноста на енергетската транзиција, со која фосилните горива постепено ќе се заменат со обновливи извори на енергија, водејќи сметка за можните негативни последици врз животната средина и населението.
– При планирањето на фотоволтаиците и ветерниците, исклучително е важно да се води сметка тие да не се поставуваат на плодна почва, да не се загрозуваат природните ресурси, како водата или шумите, пасиштата, заштитените подрачја, но воедно тие да бидат доволно блиску до корисниците за да се намалат загубите при пренос на електрична енергија.
Исто толку, нивното поставување не смее да го загрозува дивиот жив свет. Оттаму, потребно е паметно планирање, стои во соопштението.
Според нив, носењето квалитетни, добро планирани решенија подразбираат вклученост на сите чинители.
Дополнуваат дека во рамките на проектот, проектниот конзорциум спроведува првично истражување за најсоодветните и најоптималните површини на земјиште кое може да се употреби за енергетски развој, а резултатите ќе бидат објавени во текот на кампањата и ќе бидат предмет на консултации и дискусија со гореспоменатите чинители.
Кампањата „Еко енергетска иднина – Да планираме заедно“ ќе трае три месеци.
Фото: ЕСМ