ПМГ Џез/PMGJazz го претставува 33-то издание на автентична македонска музика во коавторство на Глигор Кондовски, Марија Каева и Владан Дробицки насловено „Разгледи”.
Студискиот албум „Разгледи“ произлезе од една необична виртуелна средба на овие тројца домашни музичари, докажани автори во полето современата џез, рок и поп музика, од која се создаде овој автентичен и извонреден музички запис, кој несомнено придонесува во збогатување на домашното музичко творештво.
„Со вткаен автохтон израз во современа композициска и интерпретациска форма „Разгледи“ се движи надвор од воспоставените одредници на времето и просторот на брзодвижечкиот и вртоглав свет и нуди инаков поглед и доживување на околината и релациите во и со неа.
„Разгледи“ пред сѐ е место на кое што можеме да подзастанеме и разгледуваме, ослободени од очекувањата за замислени светови и неостварени желби. Сето ова е вткаено во 4 музички композиции „Тишина“, „Замолчи“, „Човек“ и „Мила Зима“.
Така на пример, правата нумера е посветена на птиците кои се исчезнати или им се заканува исчезнување, за да одвоиме време и го разгледаме нивното значење во светот во којшто живееме.
Текстовите се обраќаат поетски, музиката тече без вообичаените ритам и бас линии и со тоа ни дозволува една интимна аудио прошетка погодна за слободна интерпретација и поинакво доживување на времето и просторот во кои се наоѓаме,“ информираат од ПМГ Џез.
„Разгледи” како дигитално издание е достапно на bandcamp профилот на ПМГ Џез, со директен пристап на следниов линк: pmgjazz.bandcamp.com.
Виолина: Глигор Кондовски, вокал: Марија Каева, тромбон: Владан Дробицки, музика: Кондовски, Каева, Дробицки, текст: Марија Каева, аранжман: Кондовски, Дробицки.