еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Рама на “Отворен Балкан“: Пријатели од Македонија не се нервирајте поради Бугарија

Војната во Украина го прави „Отворен Балкан“ поголема нужност, отколку што беше и пред да започне оваа војна која не изненади сите. Отворен Балкан е битен и за нашите луѓе, за заедничкиот простор каде се раѓаат нашите деца и за нивната иднина. Фокусирани сме на иднината. Денеска сме тука токму затоа, бидејќи сакаме да продолжиме кон иднината без да ги затвораме очите пред се уште нерешените проблемите, но убедени сме дека тие можат да се решат само доколку соработуваме и сфатиме дека сме битни еден за друг.

Ова го истакна  албанскиот премиер Еди Рама во обраќањето на отворањето на Самитот „Отворен Балкан“ во Охрид.

Тој се осврна на придобивките од иницијативата „Отворен Балкан“ во делот на туризмот, трговијата и енергетиката, како и во однос на поставувањето заеднички механизам за справување со пожари.

– Силно верувам дека што повеќе ние се зближуваме еден со друг, толку повеќе шанси има да ги разрешиме и конфликтите, да се направи краен мир помеѓу Србија и Косово, една тема за која јас не се согласувам со претседателот Вучиќ, но овде решението е многу едноставно.

Или ова несогласување да се претвори во постар конфликт со сите тие празнини кои потоа остануваат во нашата економија, во нашата безбедност или обратно од тоа треба да се направи, да се доближиме што е можно повеќе за да се разбереме помеѓу себе што повеќе и самите луѓе да бидат свесни дека иднината е многу поважна од минатото, рече Рама.

Осврнувајќи се на евроинтеграциите и очекувањата од претстојниот самит на ЕУ тој во негов стил порача дека не се подготвува за како што вели „оваа свадба“ и оти фокусот треба да биде Европа да се изгради овде во регионот.

– Секогаш кога доаѓа Европскиот совет се подготвуваме како за на свадба. Јас сум кажал и порано, Албанија повеќе не се подготвува за таа „свадба“. Ако се случи „свадбата“ ќе одиме како што сме облечени. Нема да се облечеме свечено, нема да нарачаме најдобар оркестар, нема да трошиме на големи банкети за да дојдат сватовите и да останеме сами со невестата, бидејќи не доаѓа зетот да ја земе или пак зетот останува на врата.

Невестата може да се снајде, бидејќи ќе рече не сакам да зборувам со зетот, бидејќи имам други работи, а е уште полошо ако зетот остане. Да кажам уште еднаш „Отворен Балкан“ е зетот, а невестата е ЕУ. Ова е лошо за нас. Подобро ќе беше ние да бевме невестата, бидејќи ќе не земеа побргу, а кога си зет обременет со толку големи проблеми, тоа е голем проблем.

Но, нашиот пат е многу јасен за нас. Ние сакаме Европа да ја изградиме овде, да изградиме наши системи за функционирање на државата, на стопанството и на се друго и потоа кога тие ќе сакаат да направат „свадба“, ние ќе бидеме подготвени, рече албанскиот премиер.

Рама порача дека не треба да се очекува ништо од почетокот на преговорите со ЕУ поради ветото на Бугарија кое смета дека ќе остане.

– Затоа на пријателите од Северна Македонија им велам не ја земајте со многу нервоза и стрес оваа „свадба“, бидејќи го пренесувате стресот и кај нас. Ве гледаме нема да ве земат, завршена е оваа работа. Бугарија е маж за себе, исто така со проблеми. Ние Албанците сме во ред. Ако сакаат „свадба“ тука сме подготвени, ако не сакаат пак сме тука. Нема никаков проблем, вели Рама.

Тој смета дека уште сега треба да се заврши со стресот од очекувањата од самитот на ЕУ, бидејќи не очекува отворање на преговорите се додека на Бугарија не и здодее оваа логика, во врска со тоа што го прави сега.

– Овде зборуваме за почеток на преговори, не за нешто друго. Преговорите ќе завршат кога актуелниот бугарски премиер ќе биде дедо, стар човек. Овде се зборува за отворање на преговори, да продолжиме со разговори меѓу нас, навистина сме подготвени и сакаме да бидеме членки на ЕУ, но една работа треба да кажеме, сум го кажал таму, и овде ќе го кажам.

Некогаш кога одев во Брисел одев за да земам охрабрување од нив, сега кога одам во Брисел ми се гледа дека јас треба ним да им дадам охрабрување. Искрено кажувам. Некогаш ми се гледаа тие во врвот на формата, а денеска ми е жал кога ги гледаме.

Значи, одиме ние таму им даваме нив малку енергија, бидејќи Балканот нема да умре, а овој „Отворениот“ уште помалку. Нема да умре. Како и да се врти светот, Балканот ќе биде тука, Србија нема да оди на друга планета, Македонија исто така нема да оди на друга планета, ниту Босна нема да побегне од тоа место, ќе се „вари“ внатре, но тука е.

Ние Албанците, исто така нема каде да одиме, тука сме, така што ЕУ е добра, но ние сме тука во срцето на Европа, рече албанскиот премиер Рама.

Лидерите на земјите учеснички на самитот, предвидено е да потпишат договор за соработка и меѓусебно признавање дипломи и научни оценки издадени во високообразовни установи и други овластени институции и меморандуми за разбирање за соработка во областите туризам, култура и даночна администрација во Западен Балкан. 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Абазовиќ: „Отворен Балкан“ е одлична можност за соработка на земјите во регионот

Ескобар: Отворен Балкан не е политички, туку важен економски проект

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Камион излета од автопатот Тетово-Гостивар и заврши во дворот на полициската станица, возачот повреден

Редакција

„ЗСФ-КОМ“ и „Современ дом“ сакаат целосно да го преземат „Скопски пазар“: Нудат 6.500 денари за акција

Редакција

Со новите тарифници на Катастарот услугите за одредени податоци поскапени од 100 до 500%, ССК бара итна ревизија на тарифниците

Редакција