еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

(Фото) Борбени авиони Ф-35 прелетаа над Скопје

На аеродромот во Петровец првпат во нашата држава денеска слетаа борбените авиони од типот Ф-35, кои се дел од 134-тиот борбен сквадрон на Националната гарда на Вермонт.

Пред слетувањето, борбените авиони извршија прелет над аеродромот во Петровец, како и над главниот град Скопје.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска информираше дека овие авиони ја претставуваат најнапредната технологија што денеска постои, а, како што рече, нивното слетување денеска е уште еден доказ за нераскинливата врска која постои меѓу нас и сојузниците во НАТО Алијансата.

-Изминатиот период сите земји членки на Алијансата испраќаме пораки на единство и обединетост.

Денеска таа обединетост и посветеност кон безбедноста ја гледаме и на терен. Северна Македонија е дел од мисијата на НАТО за патролирање на воздушниот простор повеќе од една година.

Овој елемент на интеграција во НАТО на националниот воздушен простор за нас е една од најважните активности на војската во мирновременски услови, изјави Петровска по слетувањето на авионите.

Таа потенцираше дека аеродромите во Северна Македонија можат да обезбедат поддршка за авионот од типот Ф-35 за извршување на различни мисии и за безбедноста на воздушниот простор на НАТО.

Како што посочи, слетувањето на авионите од типот Ф-35 на аеродромот Петровец е најочигледен пример за стратешкото партнерство и заемната доверба меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија.

Ова, како што посочи, ја покажува воедно и нашата подготвеност и посветеност да се соочиме и со непредвидливите оперативни барања за секоја мисија.

-Овие напредни борбени воздухоплови се дел од 134-та борбена ескадрила на Националната гарда на Вермонд со кои имаме исклучитлено важно и пријателство и партнерство и на овој начин можеме да покажеме дека стоиме едни до други и се штитиме едни со други, напомена министерката.

Потполковникот Џон Мекрeј од Националната гарда на Вермонт изјави дека долготрајните партнерски односи претставуваат темел кој ја гарантира нашата колективна безбедност.

-Среќни сме што сме тука во овој историски период кога ја прославувате 30-годишнината од формирањето на Армијата на Северна Македонија и воздухопловниот винг. Следниот јули ќе прославиме 30 години партнерство меѓу Северна Македонија и Вермонт во рамките на програмата за државно партнерство. Годишнините не потсетуваат на важноста на нашите долготрајни меѓусебни односи, рече Мекреј.

Според Мекреј, сами како одделни нации и земји ниту една од нас ги нема ресурсите за да се справи со сите безбедносни предизвици што би можеле да се појават. Но, како што рече, нашите доверливи партнерства ни ја даваат колективната сила и мудрост што ни се потребни за да ги идентификуваме најопасните закани по нашата безбедност, а потоа и да ги здружиме нашите сили и да ги надминеме сите закани заедно.

-Токму поради членството на Северна Македонија во НАТО, како сојузник можеме да ја споделиме безбедноста која произлегува од мисите за патролирање на воздушниот простор и брзо распоредување на напредни способности на платформата Ф-35.

Северна Македонија оебзбедува обука и ресурси за воздухопловните сили на НАТО преку воениот аеродром Петровец и полигонот за обука Криволак, кои ни се потребни за да ја одржиме нашата подготвеност, додаде Мекреј.

Тој напомена дека воздухопловните сили на НАТО имаат шанси да тренираат заедно со нашиот воздухопловен винг и Армијата, за да ја гарантираат нашата сегашна и идна безбедност, на Балканскиот регион и на Европа како целина.

Во чест на долготрајните партнерски односи на нашата држава со САД, министерката Петровска на потполковникот Мекреј му подари македонско знаме.

МИА/Фото: МО

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Сите детали: Почна исплатата на депозитите на штедачите од Еуростандард банка

Редакција

Жена од Македонски Брод се породила во амбулантно возило на пат кон Прилеп

Редакција

Македонија ќе купи 8, а ќе донира 12 хеликоптери на Украина

Редакција