Германската фармацевтска компанија „Гересхајмер“ отвора нова фабрика во ТИРЗ Скопје 2 во која ќе вложи над 126 милиони евра, што претставува рекорден износ на инвестиција од основањето на Технолошко-индустриските Развојни Зони (ТИРЗ).
Како што информираат од владината прес-служба, Одлуката за инвестицијата на компанијата ја соопштил потпретседателот на „Гересхајмер“, Оливер Бургел на средбата со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
-Премиерот Ковачевски ја истакна важноста на германските инвеститори во земјата, како и рекордно зголемената трговската размена меѓу Македонија и Германија. Премиерот подвлече дека Владата продолжува да создава деловен амбиент за развој на бизнисите преку регионалните иницијативи, како „Отворен Балкан“, како и со редовна комуникација со стопанските комори за компаниите да имаат предвидлив деловен амбиент и да можат долгорочно да ги планираат инвестициските циклуси, се наведува во соопштението.
Директорот на ТИРЗ, Деспотовски нагласил дека со ова Македонија влегува на мапата земји кои имаат капацитет и услови за сериозно големи висококвалитетни инвестиции од кои има директен бенефит за граѓаните и државата.
Тој додал дека ова се должи на новиот концепт на ТИРЗ кој се базира на препознавање на потребите на инвеститорите и флексибилниот пристап. Исто така нагласил дека клучен адут во привлекувањето на странски инвестиции во контекст на глобалните случувања е стабилноста гарантирана со членството во НАТО.
-На состанокот потпретседателот на „Гересхајмер“, Бургел истакна дека С. Македонија има одлична клима за водење бизнис. Пристапот до квалитетна инфраструктура, соодветна квалификувана работна сила и добрите пракси на работење биле клучни за одлуката за оваа голема инвестиција, нагласија од менаџментот на компанијата „Гересхајмер“, се наведува во соопштението.
Во новата фабрика на фармацевтскиот гигант „Гересхајмер“ со високо-напредна технологија ќе се произведуваат специјализирани производи од медицинско стакло и шприцеви за вакцини и сл.
Планирано е отворање на над 180 нови работни места со просечна плата двојно над државниот просек. Почетокот на градбата се планира во третиот квартал од 2022 година, додека сериското производство треба да започне во 2024 година.
„Гересхајмер“ во ТИРЗ 2 веќе го реализира првиот проект за производство на технолошки продукти за фармацевтската индустрија. Првичната инвестиција од 25 милиони е веќе зголемена на над 60 милиони евра.
Со успешната реализација на двата проекти на „Гересхајмер“, Македонија ќе прерасне во една од најатрактивните инвестициски дестинации на компанијата за сите идни планови за проширување на активностите во Европа.
„Гересхајмер“ е водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика, како шприцеви, канили, шишенца за вакцини и сл. Оваа компанија има погони за производство во над 36 локации во Европа, Северна и Јужна Америка и Азија со околу 10.000 вработени и остварува приходи од приближно 1,4 милијарди евра.
Фото: Влада