еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

ВМРО-ДПМНЕ од утре ќе почне да собира потписи за референдум за договорот со Бугарија

Се додека не се напушти Договорот со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени, изјави денеска на брифинг со новинарите Христијан Мицкоски, претседател на опозициската партија.

Мицкоски беше дециден дека тие не се против тоа Бугарите да бидат дел од Уставот, но потенцира дека договорот е асимилаторски и треба да се напушти.

ВМРО-ДПМНЕ синоќа го објави референдумското прашање „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“. Потписите ќе почнат да се собираат утре напладне, а според најавите на Мицкоски први на листите ќе бидат потпишани пратениците од ВМРО ДПМНЕ.

За да има референдум треба да се соберат 150.000 потписи и да помине собраниската процедура.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ верува дека ќе нема опструкција во Собранието и оти иницијативата ќе помине таму. Очекувањата се дека референдумот би се одржал напролет, а за тој да биде успешен потребни се 910.000 гласови. За да успее референдумот тој апелира и бара поддршка за македонскиот народ од нивните соседи Албанци, Роми, Турци…

-Ова е најголемиот тест за македонскиот народ во поновата историја, рече тој, барајќи поддршка од припадниците на другите заедници на референдумот. Но, повторно нагласи и на важноста од семакедонско обединување.

Мицкоски го повтори ставот дека со Договорот за пријателство со Бугарија е нападнат македонскиот идентитет и дека нашиот напредок во преговорите со ЕУ ќе зависи од преговорите на историската комисија.

-Немаме ништо против Бугарите да бидат дел од Уставот, но со што Бугарија покажа дека е добар сосед, прашува Мицкоски и додава дека „тие упорно тврдат дека не постои македонскиот јазик и Македонците“.

Доколку референдумот е успешен и треба да се напушти Договорот со Бугарија, Мицкоски рече дека може да се преговара за нов договор, но и дека преговорите со ЕУ може да продолжат.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бројот на туристи во Македонија пораснал за 8,7%

Редакција

Македонија денеска прославува 32 години независност

Редакција

„Упад во служба која контролира меѓународни летови е терористички акт„: Твитер реакции

Редакција