еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

Работилница за невладините организации: Енергија од отпад потенцијал за решение во енергетската криза

Создавање енергија од отпад и нејзиното користење во цементната индустрија од Западен Балкан беше темата на работилница која се одржа во Скопје, а на која свое учество земаа претставници од невладините организации, институциите и компаниите.

Работилницата е дел од регионалниот проект „Енергија од отпад за цементната индустрија од Западен Балкан“, имплементиран преку Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ).

Главна цел на овој проект е едукација, информирање и поврзување на засегнатите страни и експертите во областа за да се унапреди користењето на алтернативните горива.

Покрај тоа, идејата е преку истражувања и учество на експертите да се претстават технолошките процеси за користење на алтернативни горива и регионалните и европски примери за добри практики.

Во услови на енергетска криза и огромен раст на цените на енергенсите, поголемата употреба на алтернативни горива е едно од решенијата на актуелниот предизвик со кој се соочуваме. Овој потенцијал на алтернативните горива и неговото користење во одредени индустрии беше особено акцентиран, истакнувајќи го овој енергенс како исклучително актуелен.

На работилницата се дискутираше и за постигнување на целите на Парискиот договор за нула емисии на CО2 во воздухот до 2050 година, преку поголема примена на алтернативните горива во индустријата. Имено, употребата на алтернативни горива во цементната индустрија значително придонесува кон намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Беше оценето дека е неопходно воспоставување соработка и партнерство меѓу сите засегнати страни, како што се институциите, организациите, компаниите, експертите, науката и меѓународните поддржувачи, како и подигнување на свеста во јавноста за оваа тема.

Покрај тоа, во овој процес важно е да се презентираат информации за веќе имплементираните технологии и иновации и за постоечкото повеќедецениско искуство, знаење и пракса од користењето на алтернативни горива како енергенс во развиените земји од Европската Унија.

Дополнително, беше потенцирано дека само преку координирани и структурни активности во секој сегмент од работењето на институциите, компаниите и организациите ќе дојде до реализација на овие цели и забрзување на процесот на декарбонизација и ублажување на климатските промени.

Пред учесниците свое излагање имаа Ана Мазнева Каранфиловска, раководителка за управување со отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање и Атанас Маженковски, советник на директорот на Царинската Управа, кои ја претставија законската и институционална рамка за алтернативните горива во земјава.

Исто така, на темата за добрите практики за третман на отпад свое излагање имаше професорот од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” д-р Даме Димитровски, додека пак за улогата на индустриите во процесот зборуваше Наташа Бакревска, менаџерка за заштита на животната средина во Цементарница Усје.

Пред присутните беа презентирани и клучните наоди од физибилити студијата изработена во рамки на проектот од страна на истакнатиот економски експерт во областа, Николаос Куфакис.

Регионалниот проект: Енергија од отпад за цементната индустрија од Западен Балкан“, што тековно се спроведува во С Македонија, Србија и Албанија (март 2020  – декември 2022) е дел од програмата за соработка со бизнис секторот, реализиран со финансиска поддршка на Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ) и приватниот сектор.

Партнери во спроведувањето на проектот се Германското друштво за интернационална соработка (GIZ) и компаниите Титан Антеа Цемент (Албанија), Титан Цементарница УСЈЕ (Р.С. Македонија) и Титан Цементара Косјериќ (Србија), во соработка со претставници од невладиниот сектор, односно: Co-PLAN Институт од Албанија, Производствена унија на Албанија (AMU), Центар за ресурси во животна средина (REC) од РС Македонија и Регионална развојна агенција (RDA) од Златибор, Србија.

Во рамките на реализација на проетот изготвени се: Студија за истражување на пазарот, Анализа на правната рамка за концептот отпад од енергија, Анализа за проценка на потребите за развивање на еден систем „Енергија од отпад“ и Физибилити студија. Во моментов во тек е проектна активност во која се вклучени три текстилни компании, за обезбедување на одржливо управување со текстилниот отпад и негово користење како алтернативно гориво.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Во Треска се фрла отпад како да е депонија

Редакција

(Галерија) Граѓаните во ѓубре го оставија споменикот Мечкин Камен

Редакција

Мотивирајте ги вработените да одат пеш или на велосипед на работа

Редакција