еМагазин
Image default
Забава ТОП СТОРИИ

(Галерија) Четири моќни женски приказни на третата вечер од Скопски моден фестивал

Македонските брендови Herline, Стефанија Насеска, La Maison Cece T. и модната куќа Elena Luka со приказ на најновите колекции го одбележаа крајот на ревиските вечери на манифестацијата што под слоганот „Can you feel the light?!” ќе се одржува до 20 ноември во трговскиот центар Скопје Сити Мол.

Третиот ден од единствениот моден фестивал во земјата беше отворен со колекцијата на Herline, брендот кој уште едаш потврди дека женственоста може елегантно да се изрази и во спортски парчиња облека.

Ревијата започна со музичкиот настап на поп ѕвездата Викторија Лоба, која заедно со моделите прошета низ синиот тепих на дефилето. Освен најновата линија на тренерки, колекцијата „Revelation“ откри и нови едноделни костими за капење со софистициран дизајн.

По возбудливите креации на Herline, публиката се подготви да го проследи „ослободувањето“ на популарната македонска дизајнерка Стефанија Насеска.

Поттикната од општествените случувања на глобално ниво,таа преку „Liberty“ издиктира футуристички, ексцентрични и авангардни трендови за смелите девојки. Бунтовни креации, како фустан со фантомка во неонско розова боја, што истовремено означуваат борбеност, свест, а и ја обликуваат женската силуета.

„Колекцијата е осврнување кон светлината и комфорот како непрекинат поглед кон убавото. Микс на минатото и сегашноста со поглед кон иднината“, истакна Насеска.

Вториот дел од вечерта продолжи со третата ревија, кога синиот тепих го осветли игривата елеганција на La Maison Cece T. Овој пат, дизајнерката се претстави во сосема поинакво светло преку „Metamorphosis“, а во центарот на вниманието беа тоалети и комплети надополнети со крзна и кожени мантили.

Вистинскиот гламур го донесоа и црната, розовата и црвената како главни бои на колекцијата.

Гламурот што плени продолжи низ подиумот на ревијата на модната куќа Elena Luka, која со сиот раскош го заокружи ревијалниот дел на Скопски моден фестивал. Божиците и нимфите од грчката и римската митологија за момент беа присутни во главниот град, оживувајќи преку колекцијата „Satin Dream“.

Нежни земјени и златни тонови во лелеава свила и рачно изработени орнаменти се дел од најновата грациозна линија за пролет/лето 2023, која брендот ја претстави пред многубројната публика на настанот.

„Архитектурата, скулптурите и декорациите од старата грчка и римска уметност, вешто се преточени во модернизирана линија на ексклузивни тоалети кои на современите дами кои бараат смел и атрактивен дизајн, им ја овозможуваат привилегијата да се почувствуваат како вистински божици“, изјавија оттаму.

Фото: Антонио Станков/Марко Вилиќ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Драматични сцени од поплавите во Србија

Редакција

Коронавирусот стигна и во Бугарија, заразени четири лица

Редакција

(Видео) Пет причини зошто е подобро да купувате облека он-лајн

Редакција