еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Решенија за жешките точки за индустриски отпад има одамна, само треба да се спроведат, вели Стафилов

Загадувањето на животната средина со тешки метали е централната тема на долгогодишните научни истражувања на професорот Трајче Стафилов од Институтот по хемија на ПМФ.

Во интервју за Мета.мк, професорот Стафилов го објаснува процесот на откривањето на 16 жешки точки со историски индустриски отпад, но и за изработката на физибилити студиите со решенијата за нивно чистење, кои постојат долги години, а не се реализирани до денеска.

„Тогаш, претставништвото на ЕУ во земјава ни одобри нови средства да извршиме и прелиминарни истражувања на состојбата на почвите, површинските и подземните води на тие 16 локации.

Врз основа на резултатите направивме рангирање по опасност на овие жешки точки, а критериумите беа количеството на отпадот што го создаваат, токсичноста, колку локацијата е блиску до населено мести, концентрацијата на опасните хемикалии во отпадот, во каква форма се и други.

На прво место беше ОХИС со депонијата на ХЦХ и неговите изомери. Гама изомерот, односно линданот, кој се користел како инсектицид е најтоксичен од сите. Во двете депонии во фабриката се фрлени и другите изомери, делта се депонирал на малата депонија, а алфа и бета како смеса, во големата депонија.

На второ место според ризикот за здравјето на луѓето, а и животната средина беше рангирана депонијата со троска од Топилницата во Велес.

После нив се јаловиштата на рудниците Злетово во Пробиштип, Саса во Македонска Каменица, Тораница кај Крива Паланка, Лојане, Бучим во Радовиш, кои имаат огромни депонии со десетици милиони тони отпад.

На списокот се наоѓаат и термоелектраните во Битола и Кичево, РЕК и Осломеј и нивните депонии од пепел што го создаваат при горење на јагленот. Десет проценти од јагленот е пепел, а овие капацитети согоруваат меѓу седум и десет милиони тони јаглен годишно и создаваат еден милион тони пепел.

Тоа помножено со 40 години работа, даваат огромни бројки. За жал, овој отпад не секогаш бил депониран според пропишаните стандарди. Во овие капацитети, исто така, никогаш не се вградија ниту десулфуризатори и филтри за прашина и за заштита од азотни оксиди да не зборуваме.

Како генератори на опасен индустриски отпад се лоцирани и другите топилници во земјава, Железара во Скопје, Фени во Кавадарци и Југохром во Јегуновце со своите депонии со троска. На листата тогаш имаше и уште две локации, кои веќе не се на тој список. Тоа се кожарската индустрија Годел од Скопје и Тане Цалевски во Кичево.

Во Годел констатиравме дека отпадните води не се третирале соодветно и целиот локалитет беше контаминиран со шествалентен хром. Тане Цалевски работеше електролиза и поцинкување и пониклување на предмети и отпадните води не се третираа соодветно. Сега и двете места се урбанизирани и повеќе не се жешки точка, со што на списокот останаа 14,“ вели тој во интервјуто.

Професорот Стафилов додава дека од 2006 година, кога ги прогласиле жешките точки, досега не е направено речиси ништо.

„Мислам дека требаше барем да ги покриеме, како привремено решение да не се разнесува загадувањето, додека не се обезбедеа големите пари за конечно решавање, како што е случајот сега за малата депонија во ОХИС.

Исто така, мора да кажеме дека кога веќе имаме постоечки физибилити студии за дел од локациите, досега можеше да се искористат годините што поминаа да се распишат тендери за проекти, да се изберат решенија и да се бараат финансии, ено по едно. Речиси ништо не е направено на тој план, а изминаа децении,“ додава тој.

Фото: МЖСПП

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од Ковид-19 починаа 37 лица, најмладите на 22 и 35-годишна возраст

Редакција

Обвинетите во случајот „Двојник” вкупно осудени на 16 години затвор

Редакција

Ковачевски за високите плати во М-НАВ: Со закон ќе се стави ред во платите на раководните лица

Редакција