Македонска Навигација (М-НАВ) ги повикува сите заинтересирани полнолетни лица на возраст до 25 години да се пријават за една од најценетите, но и најодговорни професии – контролор на летање.
Со порастот на бројот на летови и прелети на нашето небо, се зголемува и потребата од нови кадри во одделот којшто е најдиректно одговорен за безбедноста и контролата на воздушниот сообраќај во Македонија. За таа цел, во тек е процесот на регрутација и селекција на кандидати за обука за контролори за летање.
Покрај старосната граница до 25 години (да не наполниле 26 години), кандидатите треба да имаат завршено средно образование и да имаат потврда за знаење на Англиски јазик најмалку на ниво на Б2.
Освен навремената и комплетна апликација, еден од најважните услови е полагањето на FEAST тестот на ЕУРОКОНТРОЛ (www.feast.info) за проверка на специфичните способности и вештини неопходни за оваа професија. Доколку го поминат овој тест, успешните кандидати можат да продолжат во натамошните фази на изборот, сè до склучувањето на договорот за обука и финална селекција за оваа професија. Деталите за условите и огласот можете да ги видите ТУКА, а рокот за поднесување на документите е 12.09.2018 г.
Специфичните вештини и предиспозиции за оваа професија, кандидатите може да ги откријат и преку онлајн игрите на www.nats.aero/careers/trainee-air-traffic-controllers/games/, додека за проверка на знаењето на англискиот јазик, кој е воедно и официјалниот јазик за комуникација во авиосообраќајот, тука е бесплатниот прелиминарен е-тест преку линкот www.cambridgeenglish.org/test-your-english/.
Успешните кандидати во сите фази на предселекцијата (т.е. по положување на FEAST тестот, здравствениот преглед и интервјуто со изборната комисија) се упатуваат на обука за контролори за летање, по чие успешно завршување, стануваат дел од М-НАВ како контролори на летање.
За повеќе информации посетете ја страницата mnavigation.mk.