Шест милиони евра инвестиција и вработување на околу 300 лица треба да биде билансот од најновата турска фабрика во Македонија „Чагатај Кабло“ што денеска и официјално почна со работа.
Станува збор за погон од седум илјади метри квадратни, лоциран во индустриската зона „Бунарџик“. За негова изградба во првата фаза се вложени четири милиони евра и досега се вработени 80 лица.
„Чагатај Кабло“ произведува кабли за автомобилската индустрија и за земјоделска механизација и извезува во светски рамки.
Како што истакна сопственикот на фабриката Ахмет Короглу, компанијата донела одлука да инвестира во Македонија во 2006 година, лани ги поставила темелите, а годинава почнува со производство.
– Во втората фаза предвидуваме инвестицијата да достигне шест милиони евра, погонот да изнесува 10 илјади метри квадратни, а бројот на вработени да биде 300, нагласи Короглу.
Турската компанија „Чагатај Кабло“ е, меѓу другото, позната и како добавувач на белгискиот производител на автобуси „Ван Хол“ кој е веќе присутен во „Бунарџик“.
МИА/Фото: Влада