еМагазин
Image default
Бизнис

Никој не ја злоупотребува кризната состојба со струјата, тврди Ковачевски

Зголеменото производство на струја се должи на зголемената побарувачка од страна на ЕВН хоум поради ниските температури, но исто така и зголемените потреби за електрична енергија од останатите субјекти со кои имаме склучено договор. Кризната состојба со електричната и со топлинската енергија ќе трае се додека е во важност одлуката што е донесена од Собранието, рече директорот на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, на новинарско прашање зошто и покрај зголеменото производство на струја што го објавува ЕСМ се уште трае кризната состојба со електричната енергија.

Се трудиме, рече Ковачевски, во овој период со нашиот ангажман да ги задоволиме сите потреби, пред се на граѓаните, да го намалиме увозот на струја и трошоците и овозможуваме во периодот од јуни кога треба да се носи цената на струјата за од 1 јули до 11 декември, да нема зголемување на цената на струјата.

– Ако продолжиме со ваквото производство, се надевам дека ќе го исполниме во целост планот, кој за годинава е зголемување за 23 проценти во однос на претходната. Кризната состојба не е само кај нас, туку и во регионот и Европа се уште трае и ќе заврши тогаш кога ќе процени Владата со предлог до Собранието, наведе Ковачевски.

Кризната состојба, потенцираше, никој ниту ја злоупотребува, ниту пак ја употребува за девијантни појави, а надлежните институции може да ги проверат сите постапки.

АД ЕСМ вчера произведе 21.611 MWh електрична енергија, што, како што рече, е најголемо дневно производство во последните 10 години. Моментно АД ЕСМ работи со сите капацитети кои ги задоволуват потребите за електрична енергија на домаќинствата, малите потрошувачи и дополнителните снабдувања.

Според Ковачевски, АД ЕСМ на почетокот на годината произведе 40 проценти повеќе електрична енергија споредено со истиот период лани.

-Во периодот од 1 јануари до 8 февруари 2023 година АД ЕСМ преку капацитетите со кои располага произведе 720.369 MWh електрична енергија, што е за 40 проценти повеќе споредено со истиот период во 2022 година, а 86 проценти повеќе од истиот период во 2021 година. Планот за производство за 2023 година заклучно со вчерашниот ден се исполнува 102,3 проценти, рече Ковачевски.

Тоа, според него, се должи на зголемениот ангажман на вработените во АД ЕСМ и поддршката од Владата и економските ресори, како и зголемениот интензитет на работа на РЕК Битола и ТЕЦ Неготино, и подобрената хидрологија. Сите потребни енергенси, јаглен, мазут и гас се набавени, од нив има залихи и редовни дневни испораки од добавувачите по тековните договори.

Ковачевски тврди дека лани имало помалку испади во производствените капацитеи споредено со тие во претходните пет години. Во РЕК Битола има најмногу испади на Блок 1, бидејќи не е модернизиран.

Поради едностраниот прекин на договорот за таа намена од страна на поранешен ЕЛЕМ во 2016 година, германската компанија со која беше склучен договорот во 2012 година, во арбиражна постапка побарува над 28 милиони евра отштета.

-Ангажираните адвокати го водат тој процес. Да бидеме јасни, таму губиме, и како држава и како компанија, гледаме колку што е можно да ја намалиме штетата со некои дополнителни аргументи, рече Ковачевски.

ТЕЦ Неготино, како што рече, работи во стабилен режим со полн капацитет од околу 160 мегавати на мрежа. Во ТЕЦ Неготино во резервоарите има 8.500 тони мазут залиха и дневна испорака од 1.000 до 1.500 тони. Месецов почнува новиот договор со кој се обебзеди 190.000 тони што ќе бидат доволни до летниот период.

Во функција се и сите капацитети од хидропотенцијалот. Капацитетот од 114 гигават часови во хидроакомулациите, посочи Ковачевски, е најдобар во последните четири години.

-Во делот на набавката на гас како компанија за февуари имаме обезбедено 52.800 мегават часови и сигурно и стабилно снабдување и 100 проценти се испорачува гасот за ЕСМ односно за топланите, рече Ковачевски.

Тој информираше и дека ЕСМ Продажба, надвор од дополнителните снабдувања на витални институции и субјекти по задолженија од Владата, снабдува и 64 потрошувачи на слободниот пазар по пазарни цени на електричната енергија, но со значајно помала маржа.

МИА/Фото: ЕСМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Акции со најголем раст и пад на Македонската берза во октомври

Редакција

УЈП го продолжи рокот за даночните пријави до 29 јануари

Редакција

ГТЦ во првите три месеци со добивка

Редакција