еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Ковачевски и владина делегацијa на Конференцијата за безбедност во Минхен

Преструктуирањето на светските сили, предизвикано од воената агресија на Русија врз Украина, насоката во која се движи светската безбедност и потребите од нови одговори на новите безбедносни предизвици се во фокусот на овогодишната 59. Минхенска конференција за безбедност, која почна вчера, а ќе трае до утре.

Во хотелот „Бајеришер хоф“ на тридневниот безбедносен форум учествуваат над 450 светски лидери и носители на одлуки на високо ниво, вклучувајќи шефови на држави, министри, лидери на меѓународни организации и невладини организации, како и лидери од бизнисот и граѓанското општество.

Како што јави известувачот на МИА од Минхен на конференцијата меѓу другите присуствуваат потпретседателката на САД, Камала Харис, германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Риши Сунак, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.

На конференцијата учестува и делегација на Владата на Македонија, предводена од премиерот Димитар Ковачевски, кој е придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Премиерот Ковачевски на маргините на конференцијата е предвидено да оствари средби со лидери и високи претставници на одделни држави и меѓународни организации, а денеска ќе учествува и на тркалезната маса посветена за земјите од Западен Балкан и важноста од евроинтегративниот процес во услови на геополитички превирања.

Ковачевски денеска ќе ја посети компанијата „Метро“ лоцирана во индустриската зона Ќојлија.

Во својство на претседавач на ОБСЕ на Минхенската конференцијата е присутен и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој в недела учествува на панел диксусијата „Враќање во иднината? Визии за европската безбедносна архитектура“, на која меѓу другите учествуваат и високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, естонскиот премиер Каја Калас и шведскиот премиер Улф Кристерсон.

Три дена, Минхенската конференција за безбедност повторно ќе функционира како единствена платформа за дебати на високо ниво за најголемите предизвици на надворешната и безбедносната политика на нашето време.

Војната во Украина, која започна само неколку дена по Минхенската безбедносна конференција во 2022 година, означува „пресвртница“, напоменуваат организаторите. Војната не само што предизвика огромно страдање во Украина, туку се одрази негативно и во другите делови на светот.

Учесниците ќе направат осврт и на безбедносната состојба на регионите поединечно, меѓу кои Западен Балкан, Кавказ, Блискиот Исток, Јужна Америка, Авганистан, Иран.

Ќе биде разгледан и фундаментот на светската безбедност, преку реафирмирање на Повелбата на Обединетите нации и меѓународен поредок заснова на почитување на заедничките правила на игра.

Тема на дискусија се и потребите од промена во пристапот на европската безбедност и прилагодување на новите состојби, но и зајакнување на соработата со НАТО со цел да се реализира посилно партнерство за европска безбедност.

На конференцијата се предвидени и панели на теми поврзани со нуклеарниот распоред на силите во светот, но и енергетската безбедност, храната, водата, како и она што во моментов не одминува ниту една земја во светот, а тоа се хибридните закани.

Ќе се диксутира за можностите за градење на дигитален поредок заснован на правила, но и за дезинформациите и навигацијата во битката на различните наративи.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг вчера при пристигнување на Конференцијата истакна дека по нападот на Русија врз Украина, пред речиси една година, светот е сведок на најбруталната војна во Европа по Втората светска војна.

По една година од инвазијата, Столтенберг посочи дека е потребно да се извлечат неколку лекции, а пред се е дека е потребна поддршка за Украина и додаде дека сојузниците на НАТО обезбедиле невидено ниво на воена поддршка за оваа земја. Додаде дека таа поддршка треба да продолжи, бидејќи доколку рускиот претседател Владимир Путин победи во Украина, тоа ќе биде трагедија за Украинците, но и опасност, како што рече, за сите нас.

-Тоа ќе биде порака до сите авторитарни лидери, ширум светот, дека со користење на воена сила можат да ги постигнат своите цели. И тоа ќе го направи светот поопасен, а ние ќе станеме поранливи, истакна Столтенберг.

Според него друга лекција, која треба да се научи од руската агресија е потребата, како што рече, да се инвестира во нашата безбедност.

-Дури и ако војната заврши утре, таа веќе долгорочно ја промени нашата безбедносна средина. Путин сака поинаква Европа. Тој сака Европа, во која ќе ги контролира соседите. Затоа треба да продолжиме да инвестираме во нашата безбедност, истакна Столтенберг.

Столтенберг ги повика поддржувачите на Украина да испратат повеќе муниција и оружје додека Русија го засилува притисокот непосредно пред првата година.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Еден активен и еден под контрола пожар во Македонија

Редакција

Регистрирани 321 прекршоци за неносење на маска

Редакција

Кој ќе го купи конфискуваниот имот на Мијалков, еве што се ќе оди на наддавање

Редакција