На сениорското балканско карате првенство, што во Тирана се одржа од 22 до 24 септември, членовите на карате клуб „Макпетрол“ се закитија со четири сребрени и две бронзени медали.
Како дел од македонската репрезентација, Викторија Јовановска од скопски „Макпетрол“ се закити со сребрен медал. Таа е вицешампион во категоријата под 61 килограм. Петар Заборски (-75 кг.), пак, освои бронзен медал.
– На ова најсилно регионално првенство земаа учество 11 држави, а од нашиот клуб замина сениорскиот состав. Задоволни сме од постигнатото иако имаме квалитет и можности за многу поголеми резултатски постигнувања.
Освоивме вкупно шест медали, од кои две во поединечна конкуренција, а четири во екипна, односно со тимовите во борби. Најдобар успех во поединечните настапи постигна Викторија Јовановска (-61 кг.) која влезе во финалето и освои сребрен медал, како и Петар Заборски (-75 кг.) , кој се закити со бронза – изјави тренерот на „Макпетрол“, Бошко Заборски.
Тирана беше домаќин на Балканското првенство за сениори, а во рамки на турнирот имаше и ревијален дел за ветерани. Освен во борби, се одржаа и натпреварувања во кати. На шампионатот учествуваа по четири најдобри спортисти во секоја категорија од 11 земји, со пријавени вкупно 311 спортисти.
Освојувачи на медали во Тирана од „Макпетрол“ во индивидуална конкуренција во борби се Викторија Јовановска (сребро, -61 кг.) и Петар Заборски (бронза, -75 кг.). Петар Спасеновски, Витомир Трајковски и Стефан Стојановиќ беа дел од македонската карате-селекција што освои сребрен трофеј во екипна конкуренција кај мажите, додека со бронза се закити Ангела Мојсовска, која беше во женскиот тим. На турнирот учествуваа и Јована Мицовска и Данило Божовиќ.