ШК Алкалоид го освои петтото место на Светското екипно првенство во шах за сениори во категоријата на играчи над 50 години, победувајќи ја третата селекција на Англија во деветтото и последно коло со моќен резултат од 3,5:0,5.
На првенството учествуваа 22 екипи, при што повеќе од половината беа репрезентации на одредени земји. Тоа му дава посебна тежина на пласманот, но ако се додаде и тоа дека е изборен играјќи нерешено со најсилните две селекции (САД и Англија, кои на крајот соодветно ги освоија првото и второто место), задоволството е уште поголемо.
Овој пласман е, пред сѐ, резултат на извонредното залагање и на тимската борба на сите членови на екипата: велемајсторите Кирил Георгиев, Трајко Недев, Влатко Богдановски, Звонко Станојоски, Роландо Кутиров и капитенот Драгољуб Јаќимовиќ.
ВМ Кирил Георгиев на првата табла брилираше во партијата во која неговиот противник играше словенска одбрана и од првиот потег до самиот крај безгрешно ги водеше белите фигури до победа.
ВМ Трајко Недев со црни фигури ја играше острата сицилијанска одбрана и вложи голем труд за да ја преземе контролата над играта, по што дојде во добиена позиција.
И ВМ Влатко Богдановски беше пред победа, имаше голема предност во самата партија играјќи каро-кан отворање, но реализацијата претставуваше проблем, па така само овој дуел заврши со поделба на поенот.
На четвртата табла ВМ Звонко Станојоски се соочи со противничка која не покажа дека му е дорасната, а самиот факт дека успеа да ја матира и да поведе со 3:0 кажува дека нашиот играч беше на висина на задачата.
– Сметам дека го потврдивме реномето и не бевме попусто сметани за еден од фаворитите за висок пласман. Имавме добри резултати – пет победи, две нерешени и два минимални порази. Задоволни сме од добрата игра и од залагањето на сите играчи, се играше за секој поен, но, едноставно, недостигаше малку спортска среќа за нешто повеќе.
Навистина покажавме висока класа и не потфрливме меѓу силните светски селекции. Посакувавме екипен медал, но се надевам дека ќе го освоиме во некој следен настап. Мора да кажам дека петто место во светот за еден шаховски клуб е резултат за почит, особено што зад нас се селекции од земји како што се Канада, Полска и Словачка.
Искрено, сметам дека во иднина повторно ќе имаме шанса да играме за висок пласман и да донесеме трофеј што ќе ги израдува шаховските вљубеници во земјава, но и самата држава и компанијата која стои зад нас и која ни ја дава потребната поддршка, изјави капитенот на ШК Алкалоид, ВМ Драган Јаќимовиќ.
На крајот беа доделени и медали за најуспешните играчи по табли, при што ВМ Трајко Недев го освои сребрениот медал на втората табла, зад Кајданов од САД, а пред Годена од Италија.
ВМ Кирил Георгиев и ВМ Звонко Станојовски беа четвртопласирани во конкуренцијата на првата и на четвртата табла, односно малку недостигаше за да стигнат до бронза.
– Задоволен сум од играта и сметам дека покажавме квалитет. Испративме порака до помладите дека во Македонија може успешно да се игра шах, дека со работа и со желба може да се постигне многу. Би сакал ова да биде поттик за нив да продолжат да го изучуваат шахот и да стигнат до посакуваните цели.
Ние како екипа се обидовме да стигнеме до медал, а поединечните успеси не ни беа во фокусот, но, сепак, задоволство ми е кога гледам дека и противниците со кои сум играл освоиле медали (Елвест, Година, Петерсон), што значи дека и тие биле во добра форма, па на тој начин овој медал ми носи сатисфакција дека не е освоен случајно, изјави ВМ Трајко Недев.
Од другите македонски екипи добар резултат постигнаа ветераните кои играа во категоријата на играчи над 65 години и кои на крајот беа на делба од 11. до 13. место (според тај-брејк, дванаесетти), иако според почетниот рејтинг беа на 18. место.
Фото: Архива на ШК Алкалоид