Министерка за труд и социјална политика Мила Царовска, се обрати на Конференција за детска сиромаштија која ја организираа Министерството за труд и социјална политика во соработка со Светска банка и Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, на која што експерти од областа на детската сиромаштија и претставници од владини и академски институции дискутираа за решенија кои ќе помогнат да се стави крај на детската сиромаштија во земјата.
Со оглед на тоа што 100,000 деца – секое четврто дете – живеат во сиромаштија, учесниците се согласија дека овој проблем бара преземање итни мерки.
Истражувањата покажуваат дека сиромаштијата во детството влијае на сите аспекти од животот и може да има долгорочни последици врз физичкиот, когнитивниот и социјален развој на децата. Според податоците од Мулти-индикаторското кластерско истражување (2011) во земјата само едно од 300 сиромашни деца посетува предучилишна програма, а една третина од сиромашните деца не одат во средно училиште.
Шест пати е поголема веројатноста девојчињата кои живеат во сиромаштија да се омажат пред својот осумнаесетти роденден, а двојно поголема е веројатноста сиромашните деца да бидат физички дисциплинирани од страна на своите родители во споредба со другите деца.
Негативните ефекти од сиромаштијата се посилни кога децата трпат долготрајна сиромаштија и штетните последици опстојуваат долгорочно не само за засегнатите лица, туку и за општеството, економијата на земјата и идните генерации.
На конференцијата се обратија и претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс и директорот на канцелариите на Светска банка за Косово и Македонија Марко Мантованели.
„За да ставиме крај на сиромаштијата мора да почнеме од децата. Децата кои растат во сиромаштија имаат поголема веројатност да бидат сиромашни кога ќе пораснат и така да продолжат да го повторуваат меѓугенерацискиот круг на сиромаштија,” рече Бенџамин Перкс.