еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Почна кампањата против врсничко насилство „И зборовите повредуваат“ „Булинг? НЕ во моето училиште!“

Детската амбасада „Меѓаши“ денеска ја започна кампањата против врсничкото насилство, која ќе се одвива во текот на целата учебна година на национално ниво под слоганот „И зборовите повредуваат“, а за училиштата под слоганот „Булинг? НЕ во моето училиште“.

– Целта на кампањата ќе биде препознавање, навремено и соодветно реагирање на различни случаи врсничко насилство. Врсничкото насилство не е прифатливо и не смее да се третира како „деца се, се караат па ќе се смират“, наведуваат од „Меѓаши“.

Кампањата ќе се насочи и кон здружено градење средини кои нема да бидат толерантни кон врсничкото насилство и кои ќе реагираат на овие појави, воедно и превентивно делување, но и итно реагирање кога насилството се случува.

Кампањата ќе се фокусира на тоа што е булинг, од каде потекнува и кого засега, кој е кругот на меѓуврсничкото насилство, кои се улогите на учесниците во чинот на насилство, како да го искорениме, кој е одговорен, како да создадеме училишта без насилство, кои се превентивните чекори кои во училиштата може да се преземат, а кои во случаи кога има инцидент на насилство.

– Свесноста дека постои насилство и неговото препознавање е само прв чекор во справувањето со овој проблем. Сакаме долгорочни и адекватни стратегии кои градат училишта и општество нетолерантни на насилство, додаваат од „Меѓаши“.

Кампањата против врсничкото насилство ќе добие зголемена јавна видливост преку поставување 35 билборди и 15 Сити лајт постери во повеќе градови низ Македонија – Велес, Скопје, Дебар, Гостивар, Виница…, краток видео клип што ќе се објавува на социјалните мрежи, телевизиите, радио станиците, дистрибуирање материјали за учениците од вклучените училишта во програмата за Мировно образование при „Меѓаши“ со содржини кои го промовираат ненасилството и поттикнуваат подобро меѓусебно разбирање.

Дел од промотивните материјали се објавени и на албански и турски јазик, а во текот на учебната година ќе бидат објавени и на јазиците на другите етнички заедници.

Во рамки на кампањата преку целата учебна година ќе бидат одржани серија обуки за наставните кадри на тема „Булинг“ и како да се превенира и работи на намалување на врсничкото насилство и последиците од истото.

Во училиштата ќе се одржуваат активности, работилници, форум театри, танц театри, дискусии на темата „Булинг“, а исто така ќе биде објавен и прирачник за наставниците.

Во рамки на другите печатени материјали децата ќе имаат можност да се запознаат на повидлив начин со ЅОЅ контактите за деца и млади при „Меѓаши“ – 0800 1 2222 бесплатна телефонска линија (само преку фиксен телефон).

„Меѓаши“ ги повикува сите училишта во земјава да се вклучат во кампањата против врсничко насилство и прилагодено на детската возраст да разговараат на тема врсничко насилство или самите да осмислат адекватни активности.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бонус игра за online учесниците на Лото 7 и Џокер

Редакција

Отворено првото бесплатно училиште за музика, уметности и вештини за деца во социјален ризик

Редакција

Производите на компанијата „ФЕДОР“ на Саем во Доха

Редакција