Шестото јубилејно издание на Конференцијата за е-трговија која ќе се одржи во вторник (14.11), во Националната опера и балет во Скопје, под мотото „Редефинирање на е-трговијата со вештачка интелигенција”.
Врвни и еминентни експерти од големите светски брендови Мета, Заландо, Нестле, Алегро, но и претставници од едни од најуспешните регионални бизниси ќе бидат дел од најавената висококвалитетна програма кои преку предавања, панел дискусии и разговори ќе ги пренесат своите експертизи и искуства од областа на е-трговијата, вештачката интелигенција, дигитализацијата и дигиталниот маркетинг.
Конференцијата и годинава има регионален карактер и истата е најголема досега – на истата ќе присуствуваат повеќе од 600 гости – успешни претприемачи, е-трговци, директори и менаџери на компании и владини претставници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Бугарија што ја прави уникатна и единствена во регионот во своето шесто издание.
„Конференцијата за е-трговија стана најпосетуван бизнис настан од овој тип во Македонија и регионот. Огромниот број на присутни и распродаденоста на билетите на 6 дена пред конференцијата го потврдува токму тоа.
Организирањето на овој настан пред сѐ е огромна чест и задоволство бидејќи истиот е од високо значење за понатамошен раст и развој на е-трговијата во земјава и регионот. Големиот интерес за овој настан е резултат на посветен тим со стремеж кон перфекција, кој секогаш има за цел да креира најдобро искуство за присутните, обезбедувајќи им можност да се стекнат со нови, свежи знаења и да се поврзат и запознаат со нивни истомисленици за креирање на нови бизнис соработки,“ вели Виктор Стојкоски, генерален секретар на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, кои се организатори на овој настан.
Како дел од програмата официјално ќе се споделат податоци од годишниот преглед на анализата за е-трговија за 2023 година, ќе се зборува и за важноста на податоците, маркетингот и вештачката интелигенција како потпора за успешен бизнис со е-трговија, влијанието на „маркетплејс“ платформите во секторот на е-трговија, но и за значењето на беспрекорното искуство со интернет плаќањата и меѓуграничната достава на интернет, а ќе бидат споделени и искуства од успешните е-трговци во регионот.
Покрај новата локација оваа година новост е и иновативниот пристап за активација на таканаречениот саемски дел каде што присутните ќе имаат можност одблиску да се запознаат со присутните компании, што ќе биде дополнителна можност за вмрежување и споделување на искуства, но и добивање на вредни подароци од спонзорите на конференцијата.
Исто така, оваа година содржината на конференцијата, планирањето, агендата, и креативната комуникација на социјалните медиуми и на денот на самиот настан се креираа со помош на вештачка интелигенција. Овој иновативен пристап ја издвојува конференцијата од традиционалните настани и ја носи на едно повисоко ниво, заедно со нејзината интензивна регионална промоција низ целиот Западен Балкан.
Инаку, минатата година конференцијата за е-трговија беше домаќин на преку 500 учесници од 150 компании, организации, универзитети и владини институции од земјата и од регионот, а свои презентации имаа 30 говорници од 10 земји.
Дека македонските компании се заинтересирани за унапредување на познавањата од областа на е-трговијата, говори фактот дека сите влезници за овогодишното издание беа целосно распродадени една недела пред почетокот на конференцијата.