еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО

Постхумно промовирано делото „Македонскиот идентитет и македонското прашање од античко време до 1912 година“ од проф. д-р Ванчо Стојчев и проф. д-р Александар Стојчев

Во присуство на бројни експерти од историската и политичката наука, пријатели и љубители на македонската историја во Музејот на македонската борба е промовирана книгата „Македонскиот идентитет и македонското прашање од античко време до 1912 година“.

Се работи за капитално дело за македонската историографија, а автори се проф. д-р Ванчо Стојчев и проф. д-р Александар Стојчев.

Промотори на ова постхумно дело на двајцата починати автори, беа проф. д-р Наде Проева и проф. д-р Тодор Чепреганов, кои воедно се и уредници на ова издание.

На промоцијата тие го истакнаа значењето на ова дело за македонската историја и за македонската држава и нејзината иднина. Материјалот на книгата првично бил наменет како дел од монографијата „Букурешкиот договор и поделбата на Македонија 2013 година“, но по сугестија на рецензентите било одлучено овој материјал да добие посебно издание.

Уредниците проф. д-р Проева, проф. д-р Чепреганов го промовираа материјалот кој го опфаќа формирањето на македонскиот идентитет од античкиот период па се до почетокот на Балканските војни и распадот на Отоманската империја.

Во делото кое се базира на научни истражувања и вкрстени докази презентирани се многу материјали кои се исклучително значајни за македонската национална историја. Покрај тоа делото дава хронолошки приказ на развојот на македонскиот идентитет и дава одговор на многу современи прашања поврзани со македонското национално прашање.

Проф. д-р Ванче Стојчев беше еден од основачите на првиот Воен музеј на Македонија. Тој е еден од најплодните македонски научници во историските науки, а особено значен е неговиот опус во сегментот на македонската воена историја. Автор е на 213 научни трудови и монографии, од кои особено се значајни „Воената историја на Македонија“, „Историја на Македонскиот народ“ и „Сто македонски години 1903-2003“.

Покрај тоа проф. д-р Ванче Стојчев е автор и на бројни документарни филмови меѓу кои и документарниот филм „Црешовото топче“, едно од поважните негови научни откритија, имено тој го пронајде „црешовото топче“ во музеј во Истанбул република Турција.

Проф. д-р Ванче Стојчев почина по кусо боледување на 30.09.2009 година.

Проф. д-р Александар Стојчев, беше раководител на Воениот музеј во Скопје, а се занимаваше и со научно, истражувачка и музејска дејност. Во 2009 година беше избран за помлад асистент на Воената Академија Михајло Апостолски, по предметот Воена историја, а во 2010 година станува доцент. Во 2012 година е избран за наставник по предметите „Балканските војни и Првата светска војна на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Следната година 2013 година е избран за вонреден професор по воена историја на Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на повеќе научни трудови и монографии меѓу кои „Македонија во документите на ЦИА“ том 1 и 2 објавена 2019 година, „Дојран воени операции 1915 – 1918 година, објавена 2007 година и бројни научни и стручни трудови.

Проф. д-р Александар Стојчев почина во 2021 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ продолжува со кампањата „Читаме современи македонски автори“

Редакција

Македонското овчарско куче „караман“ на чекор пред признавање како раса, од страна на светската кинолошка федерација

Редакција

(Фото) Издадена поштенска марка со ликот на Блаже Конески во 6.000 примероци

Редакција