Вредноста на синдикалната минимална кошница за март 2024 година изнесува 58.998 денари и споредена со февруари е зголемена за 1.522 денари.
Според Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), најголемо зголемување има во делот кај храната и пијалоците кои за март изнесуваат 22.681 денари, а во февруари биле 21.219 денари, или зголемување за 1.462 денари.
Од ССМ наведуваат дека со изнајмен стан од 60 квадрати за март синдикалната кошничка изнесува 74.373 денари.
Од податоците со кои располага ССМ, од декември 2023 година до март 2024 година трошоците само за храна и пијалоци се зголемени за 1.951 денари, односно за 9,41 отсто.
– Вредноста на минималната сидикална кошница е во постојан пораст од почетокот на годината, поконкретно во месец март 2024 година, каде што зголемувањето е најизразено кај делот со храната и пијалоците, што е резултат на тоа дека трговците не го послушаа апелот на ССМ и неосновано само во интерес на зголемување на својот профит енормно ги зголемија цените на прехрамбените производи, што резултира со нефер практики на трговците, и доведува до осиромашување на работниците и граѓаните, а по прекинување на мерката на замрзнати цени, велат од ССМ.
Растот на цените, велат од Синдикатот, придонесува да се изгуби куповната моќ на рабтниците и граѓаните.
Затоа, новото зголемување на минимална плата од март 2024 година која според пресметките ќе изнесува околу 22.567 денари, нема да има позитивен ефект врз стандардот на граѓаните.
-ССМ предлагаше продолжување на мерката за ограничување на цените во насока на заштита на животниот стандарт на работниците и граѓаните особено поради тоа што знавме дека алчноста и профитот на газдите ќе бидат причина за неосновано зголемување на цените на штета на работниците и граѓаните, а тоа е нешто што не смее да се дозволи.
Работниците и граѓаните ги повикуваме незадоволството да го изразат заедно со ССМ на протест и да ни се приклучат, затоа што моментот кога треба да бидат гласни е сега, велат од ССМ.
Фото: Unsplash