Платформата за родова еднаквост смета дека со изборот на Гордана Силјановска Давкова за претседатл, се направи значаен чекор кон остварување на долгогодишните заложби на Платформата за родова еднаквост за што поголемо вклучување на жените на највисоките позиции на одлучување и владеење.
„Во оваа прилика уште еднаш потсетуваме дека нема недостаток од квалификувани и искусни жени кои би можеле да преземат политички функции, туку истите се соочуваат со општествени и структурни бариери за нивно вклучување, па така се обесхрабрени да остварат потполно политичко учество.
Во нашата држава, родовата нееднаквост во политичкото учество на жените е видлива на речиси сите нивоа на владеење. На локално ниво, само две (или 2.5%) од 81 општини избрале жени за градоначалници.
Дополнително, кога станува збор за извршната власт, од вкупно 16 министерства, само 5 (или 25%) се предводени од жени. Доколку во овие бројки се факторираат и жените од немнозинските групи, оваа статистика е уште поалармантна. Дополнително, Собранието во над 30 години самостојност на државата сѐ уште немало претседателка на Собранието,“ се вели во соопштението.
Од таму сметаат дека со цел да се постигне значајно и релевантно политичко учество потребна е минимум застапеност од 40% на жените и мажите во политичкиот и јавниот живот.
„Но, со актуелното темпо на напредок, не можеме да очекуваме вистинска родова еднаквост во националните законодавни тела уште најмалку 4 децении, или до 2063 година.
Да не заборавиме и на поразителниот факт што поголемата бројност на мажите на политичката сцена често пати ги охрабрувало да упатуваат навреди кон своите колешки и отворено да подгреваат атмосфера на мизогинија.
Затоа, се надеваме дека изборот на првата жена за претседателка на државата ќе биде пример и мотивација за други жени и девојчиња да земат учество во политиката на сите нивоа и ќе придонесе кон што поголемо вклучување и прифаќање на жените во политиката, каде тие ќе бидат заштитени и третирани со должна почит на рамноправни креаторки на политиката,“ се додава во соопштението.
Од Платформата ја повикаа Силјановска Давкова да ги одржи своите ветувања и да покаже заложба за родова еднаквост во пракса, работејќи кон зајакнување на позицијата на жената во различни сегменти на општественото дејствување, како и пружајќи поддршка во борбата против антиродовите движења.
„Дополнително, повикуваме на директно партнерство и исполнување на целите и правните заложби на кои нашата држава се обврзала во рамки на националното и меѓународното право и потпишаните и ратификувани повелби и конвенции.
Предизвиците и бариерите со кои се соочуваат жените во јавниот, приватниот и политичкиот живот се бројни, а поддршката од сите политички актери, вклучително и од Претседателката на државата, е клучна за унапредување на женските права,“ велат од Платформата за родова еднаквост.
Од таму потсетуваат на приоритетите кои ги дефинирале како патоказ за политичарите во поглед на мерки кои што можат да доведат до унапредување на родовата еднаквост во нашата држава.
Тие бараат неограничен пристап до безбеден и легален медицински абортус во секоја општина, еднаква плата за еднаква работа, постапување со должно внимание на институциите задолжени за превенирање и заштита од родово базирано насилство, трансформација на статусот на жените работнички во културата кои со години наназад се соочуваат со неизвесност во однос на нивниот работен статус, 50% застапеност на жените на позициите на моќ, систематско решение за пристап до платено породилно отсуство и боледување за жените земјоделки, системски решенија за грижа за деца и стари лица, борба против митото и корупцијата кои несразмерно ги погодуваат жените и се главна причина за заминување на младите луѓе од земјата.
Фото: Собрание