Денес се навршуваат 90 години од раѓањето на големиот македонски писател Петре М. Андреевски.
Универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, којашто важи за најголем познавач на творештвото на Андреевски, во нејзиниот осврт вели дека „и по девет децении од неговото раѓање, мора да се нагласи и да се запомни – магичниот збор на Петре М. Андреевски ја смени свеста за книжевноста кај македонскиот читател, и не само што иницираше цели генерации да се угледуваат на тој модел, туку ја смени и македонската критичка свест.“
„Својата вечна преокупација, Петре М. Андреевски ја ситуира во родниот крај. Но со тоа, тој не стана локален или регионален автор, зашто успеа, преку универзализацијата на локалното, тој свој крај да го постави како центар на светот и како тежиште на космосот. Колкумина ли (не) умеат да го сторат тоа со своето перо?!
Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство“ – напиша Петре М. Андреевски во својата култна „Дениција“. И навистина, и во годината кога се навршуваат девет децении од неговото раѓање, речиси осумнаесет години по неговото физичко заминување, ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно во македонскиот книжевен и културен простор од отсуството на драгиот наш Петре,“ вели Мојсова-Чепишевска.
Промотивна објава