еМагазин
Image default
Локално ТОП СТОРИИ

Зошто ги уништуваме убавите приказни: Планинарскиот дом во село Папрадиште создаван од нула, престанува да постои

Со голема тага, планинарите и оние кои беа сведоци како планинарскиот дом Папрадиште се „крена од мртвите“ и стана едно безбедно и мирно катче за почитувачите на планината и природата, ја примија веста дека од ноември овој дом повеќе нема да постои.

Македонија и онака кубури со планинарски домови, па се затвораат и оние кои беа „воскреснати“, кои домаќински се работеа и од ништо, беа создадени во едно големо нешто. Да ја раскажуваат приказната за македонските убавини, планини, за душата на македонското село, за убавината на македонскиот селанин кој со труд и чесност си го заработува лебот.

„Она старо, ограбено, заборавено, уништено и повеќе од четири децении напуштено ( од сите) поранешно училиште, кое во 2004 година со проект на Светска Банка и со несебично залагање на неколку вљубеници и ентизијасти во планината, блесна во прекрасен Планинатски дом – кој низ децениите стана прибежиште на илјадници планинари од четири континенти.

Тоа е тој планинарски дом кој на почетокот со лупа го бараа низ географските карти, за денес да стане поголем од најмоќното сочиво и без него е незамислива ниту една планинарска и топографска карта.

После 20 години макотрпна работа , нашиот концесиски договор со Општината Чашка истече. И покрај сите разумни обиди да продолжиме да ја раскажуваме една од најубавите автентични македонска приказни, Општина Чашка преку нејзиниот суверен – градоначалникот во заминување Горан Стојановски еднострано го раскина договорот и ни испорача Опомена пред тужба пред општината да започне било каква нова процедура за идно концесионерство.

Му се можеше – Согласно устав и закон нели, и согласно неговата позиција, сила и моќ која извира од многу мрачни одаи и сомнителни квази авторитети,“ објави на неговиот фејсбук-профил претседател на Грин Пауер, Игор Смилев друштвото кое стопанисуваше со планинарскиот дом.

Тој ќе додаде дека ретко која убава приказна во Македонија доживеала среќен крај.

„Оти душмански и злонамерно ја уништуваат оние погрешните на кои во континуитет им ја даваме моќта да одлучучуваат за теми кои воопшто и не ги разбираат.
Не е за секое дете џоистик или „даљинско“  читај власт) во рака. Ти им зборуваш за визија , благоглаголиш за волонтеризам како најмоќна сила во едно општество, а они сироти – само со очињата немоќно трепкаат мачејќи се да те разберат, и го чекаат фрустрирани денот Д за да те избркаат. Ви звучи познато, нели?

Нејсе, и тука законски и правно нема никаков прашалник или дилема. Се е чисто. Престојуваш во нечиј дом додека не те избркаат, и не ти кажат дека не те сакаат. Особено ако ти истекол договорот.

Едноставно е, станете од масата каде повеќе не се сервира љубов и заминете си, а оставете ги алчните лешинари, ништовни и трошка карактери меѓусебно да се изедат и да си поплукаат троа во уста додека не ги искинат и оние малку страници кои останаа од оваа прекрасна македонска приказна.

ЕГ Грин Пауер како досегашни концесионери и закоравени легалисти кои од мали нозе сонуваме за живот во праведно општество ревносно почитувајќи ги дури и лошите закони, нерадо го примаме овој неправеден закон кој со фаталните измени изгласани од Владата на Груевски во 2014 година, сите објекти во државна сопственост(вклучително и планинарсите домови) им ги пренесе во владение на Општините и на градоначалниците.

Со тоа им се овозможи и на најнеспособните, недоветните, најкорумпираните, па дури и на оние чија деловна способност е доведена во прашање да имаат  можност со неподнослива леснотија да ставаат потписи и печати, и на тој начин да располагаат и да приватизираат јавни добра.

И така дојдовме до крајот. Толку од приказната за нашиот дом. Концесијата ни истече, ни дадоа опомена пред тужба, и иако 20 години како за свој дом се грижевме за општинското добро, сепак не бевме доволно вредни и достојни за да ни дозволат да продолжиме, или барем фер да се бориме со сите институционални инструменти кои ни се на располагање.

Или како што јас знам поетски да се изразам – .горат последните искри, убавите човечки енергии создавани 20 години, со молскавичен блесок ќе разгорат други хоризонти и повторно од пепел ќе создадеме љубов некаде на друго место ,оти само така знаеме ….го живееме најубавиот круг на животот – секој почеток има свој крај за уште поубав почеток,“ додава Смилев.

Зошто не бевме вредни?

Секој здраворазумски човек, ќе си го постави прашањето, каде погрешив, зошто не сум вреден.

„Почнавме од нула следејќи ја глупаво и храбро сопсвената визија за развој на најголемиот планински масив во Македонија – Мокра. За 20 години исцицавме нула денари општински и државни пари! Ниту еден денар не е добиен од Општина Чашка за 20 години!

Го создадовме најголемиот волонтерски потенцијал кој направи чуда на падините на Јакупица, Даутица, Голешница и Поречието. Го направивме најубавиот планинарски автопат од Папрадиште кон врв Даутица, кон село Белица Македонски Брод , И кон селата Нежилово и Ореше.

Вложивме илјадници волонтерски часови со поставени над 130 ориентациони маркациски столбови , стотици флуоросцентни и саморефлекриачки патокази и маркации за ноќно движење, откривме два извори на вода, создадовме една планинарска трансверзала, маркиравме над 50 км планианрски патеки, изградивме од сопствени средства канализација за селото Папрадиште и мини плоштад насред село.

Ја востановивме во 2005 година и една од најстарите ликовни колонии „Папрадишки Мајстори„.

Го (со)чувавме Папрадиште најдобро како што знаеме и умеме, иако многумина дојдоа и се обидоа да му ја ампутираат душата, крвотокот и белите дробови.

Реонот На Даутица денес е еден од најбезбедните и најпосетени региони за планинарење низ која лесно и брзо преку планинарски патеки и трансверзали се стигнува до Скопска Караџица, Македонски Брод, Прилеп, Долнени.

Оној кој барем еднаш престојувал во планина, знае каков животен благослов се маркирани патеки.

И сето тоа отиде курбан со еден потпис, оти ниту еден, повторувам – ниту еден нема да ја продолжи Сизифовската работа да маркира или( пак уште потешко) да ги одржува планинарските патеки. Се ќе биде за неколку години поттурено со пепелот на заборавот.

Им ги оставаме патеките како траен аманет на идните генерации и на некои други идни локални авторитети кои ќе имаат грам повеќе визија од сите досегашни кои досега ги интересираше само приватизација, осветољубие, пари и лукративни интереси.

Независно од натамошната судбина на планинарскиот дом( мотел, хостел, туристичко угостителски капацитет, црковни конаци,центар за ментална рехабилитација) , се надеваме дека нема да ја дели судбината на Александар чие кралство во мигновен трепет беше растурено, ограбено, и уништено( исто такво какво што го начекавме) .

Едно е сигурно , верувајте ми – уште еден планинарски дом( од малкуте кои останаа) отиде курбан во Македонија, а од државната утроба излезе уште еден нов гробар на планинарството.

Јакупица како најголеми планианрски масив во Македонија останува верувале или не, само со еден единствен класичен планинарски дом и тоа во приватна сопственост,“ завршува Смилев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Белица останала во минатиот век, но е преубава

Фото/Планинарски дом Папрадиште

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Како да реагирате и да се заштитите во случај на земјотрес

Редакција

Струмичкиот карневал ќе се одржи на 25 февруари

Редакција

Почина и 24-годишното момче, кое беше во критична состојба по престрелката во која беше убиен Идризи

Редакција