еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

И онлајн насилството остава лузни – пет совети за заштита на интернет

Распространетоста на интернетот и сеприсутноста на социјалните мрежи и дигиталните канали за комуникација, целосно го променија начинот на кој се поврзуваме со другите луѓе, разменуваме информации, учиме и имаме пристап до огромен број содржини.

Тоа придонесе да се појават и развијат голем број нови ризици и опасности, меѓу кои една од најприсутните е онлајн родово-базираното насилство. Овој тип насилство, кој опфаќа демнење, вознемирување, закани, родово-базиран говор на омраза, споделување интимни содржини без дозвола, во најголема мера е насочено кон жените и девојките.

Анонимноста на дигиталниот простор често ги охрабрува сторителите, додека жртвите се оставени да се справат со траумите и последиците, кои може сериозно да влијаат врз нивното психо-физичко здравје, безбедноста, статусот во општеството и целокупниот живот.

Истражувањата покажуваат дека станува збор за насилство кое зазема загрижувачки размери. Анкетата на УНДП, спроведена годинава, покажа дека повеќе од 60 отсто од жените и девојките во земјава најмалку еднаш биле жртви на онлајн насилство.

При тоа, најголем процент од нив или 61 отсто се соочиле со вознемирување преку интернет, потоа 37 отсто со родово-базиран и сексистички говор на омраза, 33 отсто со демнење преку интернет и 23 отсто со објавување или ширење фалсификувани или лажни информации преку интернет.

Со цел зголемување на свеста за присутноста на родово – базираното насилство на интернет и едукација како да се препознаат и превенираат ваквите случаи, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ја спроведува кампањата „И онлајн насилството остава лузни“.

Интернетот треба да биде безбеден простор за сите. Затоа е важно секоја личност да може да препознае онлајн родово-базирано насилство, но и да знае како да се заштити и каде да ги пријави ваквите случаи. Во продолжение на овој текст споделуваме неколку клучни совети за заштита од онлајн насилство.

1. Препознавањето на онлајн насилството е првиот чекор да се заштитите! Овој тип насилство има многу форми, а најчесто е суптилно и подмолно. Може да се манифестира преку несоодветни пораки од познати или непознати лица, следење на вашите активности на социјалните мрежи, непријатни и развратни коментари или споделување интимни слики без ваша согласност, познато како „одмаздничка порнографија“. Која било форма од овие типови онлајн насилство треба да го вклучи алармот и да преземете дополнителни мерки.

2. Зајакнете ја вашата дигитална безбедност за да не бидете „лесна мета“ за онлајн насилниците. Не користете едноставна лозинка која лесно може да се погоди и вашите e-mail адреси и профили на социјалните медиуми заштитете ги со долги и различни лозинки. Проверете кој може да ги гледа содржините што ги објавувате на социјалните медиуми како Фејсбук, Инстаграм и ТикТок и избегнувајте вашите профили да бидат јавно достапни за сите. Размислете пред да споделите нешто без разлика дали станува збор за видео, фотографија, лични податоци или пак вашата локација.

3. Игнорирај, блокирај, пријави се чекорите што треба да ги преземете против онлајн насилниците. Не влегувајте во дијалог доколку некој ви праќа заканувачки или вознемирувачки пораки. Не се конфронтирајте туку само игнорирајте. Блокирајте го тој корисник и пријавете го преку алатките за заштита на приватноста што ги нудат социјалните мрежи. Пред тоа, задолжително обезбедете докази за онлајн насилството – направете фотографија од комуникацијата или зачувајте ја URL адресата.

4. Пријавете го онлајн родово – базираното насилство во полициска станица или на електронската адреса [email protected]. Демнењето и вознемирувањето на интернет е кривично дело за кое насилниците може да добијат и затворска казна. Искористете ги своите права и помогнете во борбата против онлајн насилството.

5. Бидете гласни затоа што молкот само го потхранува родово – базираното насилство. Вклучете се во групи за поддршка на жртви на онлајн насилство, поддржете ги другите жртви кои бараат помош преку пријавување на сторителите. Исто така, може да изградите група на поддршка составена од членовите на вашето семејство, пријатели, колеги, активисти.

Борбата против онлајн родово – базираното насилство не е еднократен предизвик, таа е процес. Во неа треба да се вклучат сите засегнати страни како надлежните институции, граѓанските и меѓународните организации, локалните заедници, а особено значајна улога имаат жените кои веќе претрпеле ваков тип насилство.

Кампањата „И онлајн насилството остава лузни“ се спроведува во рамки на проектот „Сузбивање на сексуално и родово-базирано насилство во дигиталната сфера“, кој УНДП го имплементира со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детали од МВР: Петмина мета на пукањето во Александар Палас, полицаец возвратил

Редакција

Српските граѓани нема да плаќаат патарини во Македонија летово

Редакција

По фијаското во Собранието: Пратениците шест месеци треба да работат без плата

Редакција