Општина Битола и оваа година продолжува со преземање конкретни мерки и активности за зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, а пред се за зголемување на сигурноста на пешаците, информираат од таму.
„Согласно изготвената документација и склучениот договор за набавка, транспорт и монтажа, Општина Битола ќе инвестира 3.734.877 денари за поставување на смирувачи на сообраќајот на осум локации, вклучувајќи: вешатачка издаденост – издигнат пешачки премин, гумирана вештачка испакнатина, флексибилни ретрорефлектирачки гумени столбчиња, како и сообраќајни знаци за: издаденост на патот, обележан пешачки премин, зона школо, знаци за завршеток на зона школо, како и знаци за зона во која е ограничена брзината и завршеток на зоната во која е ограничена брзината.
Сообраќајната сигнализација и смирувачите на сообраќајот, ќе бидат соодветно поставени пред основните училишта „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“, „Климент Охридски“, „Тодор Ангелевски“, „Даме Груев“, „Трифун Пановски“, „Ѓорѓи Сугарев“ и кај средното општинско училиште „Таки Даскало“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека продолжувањето на овие активности, се должи на позитивните искуства од минатата година, кога за првпат од страна на општината беа поставени смирувачи на сообраќајот на четири локации од двете страни на улицата „Булевар 1 Мај“, кај Државното средно музичко училиште, Гимназијата „Јосип Броз Тито“, Економското училиште „Јане Сандански“ и Основното училиште „Д-р Трифун Пановски“.
„Со поставените смирувачи на сообраќајот на наведените локации, пред се, се става акцент на зголемена безбедност на учениците како најмлади учесници во сообраќајот,“ додаваат од Општина Битола.
Фото: Општина Битола