Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска на прес-конференција информираше за Правилникот за начинот на објавување на цените на стоките и податоците што треба да се објавуваат од страна на мал, среден и голем трговец, кој врши дејност трговија на мало, кој произлегува од измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачи.
“Измените на Законот за заштита на потрошувачите стапи на сила на 4. март и со него е предвидена обврска во рок од 45 дена од објавувањето на Законот во Службен весник секој мал, среден и голем трговец кој врши дејност трговија на мало на својата веб-страница да ја објави, одделно за секој свој продажен објект, тековната продажна, односно единичната цена во моментот на објавување на секоја стока што ја нуди за продажба,” рече тој.
Согласно законските измени и Правилникот кој го изготви Министерството за економија и труд, а е објавен во Службен весник трговците почнувајќи од 18. април ќе мора да ги објават цените на сите производи на својата веб-страна.
Согласно Правилникот на Министерството за економија и труд, малиот, средниот и големиот трговец кој врши дејност трговија на мало има обврска да ги објавува цените на стоките кои ги пласира на пазарот на својата веб-страница на јасен и достапен начин, преку посебен дел на веб-страницата на трговецот посветен на цените односно Ценовник.
Објавените цени треба да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна најава.
Ценовникот треба да содржи: назив на стока-производ (трговска марка, модел и слично), продажна цена со ДДВ, единечна цена по килограм, литар, метар, опис на стоката, достапност во продажен објект, редовна цена со ДДВ, промотивна или попустна цена која треба да содржи цена со попуст изразен во проценти, вид на промоција, дали е тоа промотивна понуда, пакет за лојалност или сезонски попуст, како и времетраење на промоцијата или попустот.
Трговците треба да ги ажурираат цените на стоките на дневна основа, односно секој работен ден до 10 часот.
Во случај на ненамерна техничка грешка во ажурирањето на цените на стоките, трговецот треба да ја корегира грешката во рок од 24 часа.
Од четврток 18. април сите трговци (мали средни или големи) ќе треба да ги објават цените на секој производ која го нудат во малопродажба .
Тука влегуваат и маркети кои продаваат основни прехранбени производи, овошје и зеленчук, и трговци кои продаваат средства за хигена, трговци на мало со бела техника, со играчки, текстилни производи, градежни материјали, алати и електрични апарати. Буквално сите трговци кои вршат трговија на мало.
Исклучени се само микро трговци, односно оние кои вработуваат до 10 лица.
Фото: Unsplash