еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК

Зелените интерпартиски пратенички групи од Западен Балкан и Транспортната заедница на состанок во Скопје за одржлива мобилност и Зелената агенда

На 23. април, Зелените пратенички групи од земјите од Западен Балкан се сретнаа во Скопје на втора средба со Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница за да го продолжат регионалниот дијалог за одржлива мобилност и спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан.

Настанот обедини пратеници, технички експерти и претставници на меѓународни институции за да ја разгледаат досегашната имплементација и да идентификуваат можности за продлабочена соработка околу реформите во областа на зелениот транспорт.

Средбата е дел од тековните напори за усогласување на регионалните стратегии со климатските цели и стандардите за мобилност на Европската унија (ЕУ).

Матеј Закоњшек, директор на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, ја истакна важноста на политичкото лидерство.

„Спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан бара храбро лидерство, бидејќи претставува стратешка визија за иднината на регионот со помалку загадување, достапен транспорт и паметни решенија. Во овој процес, поддршката од пратениците е клучна, бидејќи носи демократски легитимитет и политичка волја неопходна за долгорочна трансформација.” посочи Закоњшек.

За време на презентацијата беше нагласена можноста за регионот да преземе посилно лидерство во реализација на овие проекти. Наместо да се потпираат исклучиво на финансиска поддршка од ЕУ и/или други фондови, националните Влади треба да ги вклучат овие иницијативи во рамките на сопствените буџети — со што би се надоместил јазот од 80 значајни проекти во вредност од 25,8 милијарди евра.

Клучните дискусии опфатија напредок во спроведување на извештаите за следење на ЕУ легислативата во областа на транспортот, напредокот во рамките на Стратегијата за одржлива и паметна мобилност за Западен Балкан, како и развојот на Зелените коридори и граничната инфраструктура.

Посебно беше нагласена улогата на Зелените пратенички групи во промовирањето на одржлив и зелен транспорт преку нивната надзорна функција во парламентите и иницирањето на соодветни закони поврзани со транспортот.

Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Н.Е. Петра Дрекслер, исто така се обрати на настанот, потврдувајќи ја поддршката на Германија за зелената транзиција во регионот преку финансиска и техничка поддршка преку Германската развојна банка (KfW) и Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).

„Германија веќе се обврза на поддршка од над 500 милиони евра на краток и среден рок, како и дополнителни 1 милијарда евра до 2030 година за инвестиции во зелена енергетска инфраструктура, преку Регионалното климатско партнерство – механизам каде го усогласуваме Берлинскиот процес со Зелената агенда за Западен Балкан,“ истакна амбасадорката Дрекслер.

Оваа средба, заеднички организирана од Транспортната заедница и Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), ја нагласува клучната важност на пратеничкото учество во климатското владеење.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Борел: Денеска не е добар ден, поради Бугарија неможеме да отвориме преговори со Македонија и Албанија

Редакција

Албанија ги исполнува условите, Македонија да го реши спорот со Бугарија, порача еврокомесарот за проширување Вархеји

Редакција

Откажана прес-конференцијата на лидерите на ЕУ по Самитот со земјите од Западен Балкан

Редакција