(Фото) Митрополит Георгиј и епископ Партениј, сослужуваа за славата на Бигорски манастир

Митрополитот Дебарско-кичевски, Георгиј и епископ Антаниски, Партениј за прв пат сослужуваа заедно, за главната манастирска слава на Бигорски, споменот на отсекувањето на чесната глава на Св.Јован Крстител на 11. септември.

На литургијата учествуваа и монаси-свештенослужители, како и свештеници.

„Свети Јован на Јордан проповедаше покајание како услов за влез во Царството Небесно. Та, како што старозаветниот народ по ропството требаше да влезе во Ветената земја, така и Свети Јован го подготвуваше народот од неговото време за да излезе од духовното ропство и да биде подготвен да влезе во Царството Божјо, Царството Небесно, кое наближуваше, а се оствари со доаѓањето на Христос.  

И како што објавуваше Свети Јован, основен услов за тоа беше покајанието. А покајанието најнапред значи човек да ја осознае вистината, својата грешност, да се преуми и покае пред Бога. Свети Јован, пак, беше навистина човек на вистината. Живееше вистински според законот Божји, па затоа и имаше храброст и доблест да ја говори вистината. Дури и пред оние што не сакаа да ја чујат и што не сакаа да ја слушнат,“ рече меѓудругото митрополитот Георгиј, пред верниците во Бигорски манастир.

По завршувањето на Литургијата пак, во свечениот манастирски синодикон, тој срдечно му се заблагодарил на владиката Партениј и на братството за топлиот манастирски пречек, истакнувајќи ги своето задоволство и чест што присуствувал и зел учество во една ваква манастирска слава.

„Воедно, тој му го честиташе триесетгодишниот јубилеј на дедо Партениј, нарекувајќи го прав владика, духовен татко на монаси, градител на материјални, но пред сѐ, на духовни светињи. Притоа, тој му подари на нашиот игумен архиерејски енклопион со иконата на светото Благовештение. Од своја страна, пак, старецот му се заблагодари на митрополитот за укажаната чест, подарувајќи му од името на нашата монашка заедница комплет архиерејски одежди и митра, специјално подготвени за него од рацете на нашите браќа монаси и сестри монахињи – истите со кои владиката Георгиј богослужеше денес,“ истакнуваат од Бигорски манастир.

Владиката Партениј се обрати пред присутните верници, на Вечерната богослужба за празникот Усековение. Присеќавајќи се на почетоците од неговиот монашки живот, како и за состојбата со манастирот Владиката истакна:

„Сеќавањето е сѐ уште живо: надвор, во дворот, народот беше многуброен, можеби и повеќе од сега, затоа што тогаш христијаните од овој крај сѐ уште беа овде, не беа иселени. А беа тоа и деведесеттите години, кога по падот на атеистичкиот режим, верата некако почна повторно да излегува на виделина. Но тоа беше повеќе нејзина надворешна, а не суштинска, литургиска пројава.

Имено, мнозина коишто дотогаш не сакаа ниту да слушнат за верата, по крајот на едноумието почнаа да трчаат по цркви и манастири, но не заради самата Литургија, не заради Христа, туку заради обичајот, заради јадењето, пиењето, веселбата, орото… За да покажат, можеби, колку се „големи Македонци“ или „големи православци“. А во самата црква, за време на светата Литургија, присуствуваа едвај триесетина души, и тоа главно наши блиски. Кога излегувавме надвор, пак, во дворот гледавме нешто сосема поинакво – луѓе распеани, пијани, со искршени шишиња насекаде, со музика што ја надгласуваше молитвата… Една болна и тажна слика.

И тогаш си реков: ни претстои голема задача. Не нѐ донесе овде случајноста, туку проповедникот на покајанието, великиот свети Јован. Тој, којшто го подготвуваше патот Господов, нѐ повика да ја продолжиме неговата мисија – конкретно, да го подготвуваме овој народ кој географски битисува овде, да ги подготвуваме срцата на луѓето за присуството на Синот Божји во Црквата; да ги учиме дека Господ Христос е присутен на секоја света Литургија, за да нѐ освети, да нѐ причести, да нѐ направи едно со Себе.

И така, започнавме со најважното – со воцрковувањето на народот. Да го запознаеме со литургискиот живот, со суштината на постоењето во Црквата. Зашто, доколку некој народ не се запечати на Литургијата, со Телото и Крвта Христови, ако не се определи за вечноста, ако не разбере дека неговото предназначение не е овде, туку во Царството Божјо, тогаш на тој народ му се заканува исчезнување.“

Осврнувајќи се на актуелните општествени состојби, епископ Партениј го нотираше и демографскиот проблем, што како народ и младина, се помалку не има.

„Погледнете, возљубени, колку сме денес намалени како народ. Каде е нашиот подмладок? И не мислам само на нашата татковина. За жал, целиот христијански свет е во една сериозна есенцијална криза, во една страшна духовна пустина. Деновиве прочитав, бидејќи беше актуелен почетокот на новата школска година, дека во нашето мило Маврово, во блиското соседство, се запишале само три првачиња. На други места – уште помалку. Ова треба многу да нѐ загружува.Зошто е тоа така? Затоа што како народ, не се запечатуваме доволно на светата Литургија, не се соединуваат нашите души со Христа,“ додаде Владиката.

Говорејќи за состојбите денес, епископ Партениј проговори и за духовната и морална криза која владее со овој свет, а од која е зафатен и христијнскиот. Владиката направи паралела со времето во кое живеел Св.Јован Крстител и начинот на кој го завршил овоземниот живот, кога му била отсечена главата во времето на царот Ирод.

„Живееме без покајание, без осветување, привлечени од овоземските наслади, од гревовите, од страстите што го обземале и царот Ирод. Да погледнеме во евангелскиот расказ: на што се воодушевувал Ирод? Не се восхитувал во срцето на силниот, пророчки збор на свети Јован, кој го потресувал и отрезнувал народот како глас на пророкот Илија. Сите велеле дела Илија се јавил повторно – таква сила имал Јовановиот повик. Луѓето трчале од сите страни да ја видат неговата појава. Но Ирод не се воодушевувал од тоа. Не бил трогнат од словото на животот, туку од играта на една распуштеница, воспитана и научена во бесрамност од својата мајка – истата таа што живеела со него, иако била негова снаа, жена на неговиот брат кој сѐ уште бил жив.

И свети Јован, правдољубив и бестрашен стражар на вистината, не можеше да молчи. Го изобличи гревот јавно, му кажуваше на царот: „Не ти е дозволено да ја имаш жената на братот свој!“ Но наместо да се покае, блудната Иродијада се возгневи уште повеќе и сакаше да го замолчи пророчкиот глас, да ја угаси светлината на совеста. На својот роденден, помрачен од страста, Ирод се воодушеви од срамниот танц. И заслепен од телесната возбуда, даде заклетва дека ќе ѝ даде сè што ќе побара. Таа, пак, научена и наполнета со злоба од мајка си, ја побара на табла главата на свети Јован Крстител.

Која глава, возљубени? Таа света глава која Го препозна Синот Божји уште во утробата на мајката, така што и ангелите се воодушевуваа пред неа. Главата Јованова, главата на најголемиот роден од жена, според сведоштвото на Самиот Господ. Таа, неговата глава беше носена како ѓубре од една блудница, како што слушавме, и беше фрлена на нечесно место. Видите што прави неморалот, и гревот, и блудот. Особено кога тие се зацаруваат во срцата на оние што управуваат со народот. Оти неправдата кај оние што владеат, особено кога без страв Божји ги трошат средствата народни, е тешко проклетство – не само за нив, туку и за целиот народ кој трпи под нивната власт.

И токму тоа се случило со Ирод. Преку својата нечистота не само што се самоуништи, туку го повлече и народот со себе во бездна. Затоа, да се пазиме, мили мои, што нè воодушевува во овој живот. Да се воодушевуваме од светителите, од праведниците, од луѓето кои Го носат Христос во себе. Тие нека ни се пример. Нивните животи нека нѐ инспирираат и водат,“ рече владиката Партениј.

Фото: bigorski.org.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести