Изборното Собрание на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ќе одлучува за 22 кандидати кои се предложени за редовни, дописни и почесни членови на Академијата.
Изет Зеќири, кој е економист и доскорешен ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“ и Блажо Боев, геолог и поранешен ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се предложени за нови редовни членови на МАНУ.
Четиринаесет кандидати пак се предложени за дописни членови на МАНУ. Најмногу предлози за дописни членови се добиени од Одделението за уметност на МАНУ: Драган Даутовски, сликарите Невзат Бејтули, Новица Трајковски, скулпторите Жарко Башески и Александар Сашо Саздовски, и писателите Ивица Џепароски и Блаже Минески.
Од Одделението за лингвистика и литературна наука е предложен Илија Велев, еден од најпознатите македонски медијависти, научен работник и книжевен творец, редовен професор и научен советник во ЈНУ Институт за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и автор на бројни научни трудови.
Одделението за општествени науки ја предложи универзитетската професорка од Правен факултет на УКИМ, Гордана Лажетиќ, додека Одделението за технички науки за дописни членови ги предложи Димитар Трајанов, универзитетски професор на ФИНКИ и Мирко Тодоровски, универзитетски професор од ФЕИТ.
Тројца кандидати се предложени за дописни членови од страна на Одделението за природно-математички и биотехнички науки: Златко Левков, биолог и универзитетски професор на Факултетот за природни науки, Александар Узунов, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, и Башким Зибери, универзитетски професор на Државниот универзитет во Тетово.
За членови на Академијата надвор од работниот состав се предложени Сибила Петлевска, хрватска писателка со македонско потекло, Гордан Караман, редовен член на Црногорската академија на науките и уметностите, и Светлана Мојсов, вонреден истражувачки професор на Универзитетот „Рокфелер“ во САД и Стојко Стојков, универзитетски професор на Факултетот за образовни науки на УГД во Штип и активист во движењето на Македонците во Бугарија како копретседател на ОМО „Пирин“ (2004 – 2006) и на ОМО „Илинден“– Пирин (2006-2025 г.). Во периодот 2011 – 2025, има изготвено 15 извештаи за положбата на македонското малцинство во Бугарија.
За почесни членови на МАНУ се предложени универзитетските професори во пензија, Владо Поповски и Трајче Стафилов. Поповски беше и министер во македонските влади, како и еден од тројцата автори на работниот текст на Уставот на Македонија, донесен на 17. ноември 1991 година. Тој бил и прв директор на Агенцијата за разузнавање на Македонија. Трајче Стафилов, пак, е познат македонски хемичар зад кого стојат бројни научни трудови и проекти.