Ратко Димитровски, еден од тројцата обвинети поранешни градоначалници на Општина Кочани за трагедијата во “Пулс“, на денешното рочиште кажа оти тој бил единствениот кој пред 13 години барал од надележните институции да не и дадат лиценца за работа на т.н. дискотека, уште пред таа да почне со работа.
Од одбрана на Димитровски, кој беше градоначалник на Општината во периодот од 2012 до 2017 година, посочија дека обвинението за него било преседан во правната практика, особено во делот на утврдување на причинско-последична врска.
Неговата адвокатка Ангела Соколова, меѓу друго кажа дека Општината, во 2012 година не дозволила пренамена на паркиг, барање од првообвинетиот во случајот Дејан Јованов-Деко, и поднела барање да не се издава дозвола и мислење за отпочнување со работа на дискотека или кабаре. Таа посочи дека Општината не е надлежна за издавање лиценца за дискотека, немала никаква надлежност за контрола на вакви објекти, а Димитровски не одобрил никаква пренамена на објектот и во неговиот мандат нема такво нешто.
Освен Димитровски, во случајот се обвинети и поранешните градоначалници на Општина Кочани, Николчо Илијев и Љупчо Папазов.
Тие според Обвинението на Основното јавно обвинителство се обвинети дека свесно и континуирано не постапувале согласно законските прописи за заштита, урбанистичко планирање и инспекциски надзор. Според Обвинителството, иако знаеле дека објектот во кој беше т.н. дискотека “Пулс“ е небезбеден и не ги исполнува законските услови за угостителска дејност, не презеле мерки за утврдување неправилности, санкционирање или затворање на објектот.
Исто така, според Обвинителството, тие не наредиле инспекциски надзор, не изготвиле програми и планови за работа на инспекторите, ниту ги известиле надлежните институции за незаконитото работење на објектот. Објектот немал одобрение за реконструкција, пренамена или употреба, ниту функционален паркинг, што создавало ризик за живот и здравје на посетителите и го попречувало пристапот на противпожарни возила.
Со непостапување според Законот за локална самоуправа, Законот за градење, Законот за инспекциски надзор, Законот за заштита и спасување и Законот за угостителска дејност, тие им овозможиле на обвинетите Јованов и Гроздан Милковски незаконито да вршат угостителска дејност и да плаќаат надоместок, иако објектот фактички работел како диско клуб, а не како кабаре. Според Обвинението, тие биле свесни за можните штетни последици, но се согласиле со нивното настапување.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Љупчо Папазов не е инспектор, кажа адвокатот на поранешниот градоначалник на Кочани
Нема ниту еден факт против Николчо Илијев, кажа адвокатот на поранешниот градоначалник на Кочани
Фото: Димитровски/Фејсбук














