Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека вчера во 20:10 часот, полициски службеници од Полициското одделение Ростуше го лишиле од слобода А.Ј. (49) од селото Присојница, Општина Маврово и Ростуше, поради сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик.
-Според пријавеното од Н.А. од село Калиште, Општина Врапчиште, А.Ј. – вработен во Основен суд Гостивар, го контактирал неговиот пријател С.М. од Гостивар и му понудил за сума од 100 евра да избрише судска казна од 200 евра и забрана за управување со возило од шест месеци, тврдејќи дека документите пристигнале кај него за извршување и дека може да му заврши работа.
Како што е пријавено, Н.А. во име на неговиот другар го побарал А.Ј. и договориле средба во угостителски објект во Гостивар, а откако се сретнале го информирал дека е новинар и дека снима, по што А.Ј. се обидел да се оправда дека се шегува и се обидел да побегне.
А.Ј. е задржан во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од таму.
Фото: МВР














