Од вчера македонскиот премиер Христијан Мицкоски заедно со владина делегација е во посета на Унгарија.
Во делегацијата се и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Рефик Џемаили, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски, и директорката на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, Даниела Димовска.

Мицкоски во Будимпешта се сретна со својот унгарски колега Виктор Орбан.
На средбата како што информираа од Владата, тие разговарале и за продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете држави, а акцент бил ставен на унапредување на економската соработка, привлекување нови инвестиции, зголемување на трговската размена и реализација на конкретни проекти од заемен интерес.
Тие разговарале и за инфраструктурната поврзаност, енергетската стабилност и регионалната соработка.
Како што велат од Владата на средбата била истакната и важноста на поддршката што Македонија ја добива од Унгарија во однос на европската перспектива и било нагласено дека процесот на интеграција треба да се темели на принципиелност и мерит-систем.
Мицкоски ја истакнал и вредносната димензија на односите меѓу двете држави, нагласувајќи дека заедничките вредности – семејството, традицијата и зачувувањето на националниот идентитет – претставуваат темел на стабилни и просперитетни општества.

Мицкоски вчера се обрати и на настан во организација на Mathias Corvinus Collegium, каде што зборувал за значењето на лидерството, визијата и храброста во време на сериозни европски и глобални предизвици, а во обраќањето потенцирал дека Унгарија претставува пример за држава која „со јасна визија и силно лидерство успева да обезбеди економски развој, стабилност и зачувување на идентитетот“.
Премиерот ја нагласил и улогата на Орбан како “лидер кој има храброст да носи одлуки во интерес на својата држава и кој придонесува за стабилноста на регионот и Европа“.
Фото: Влада














