Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека завчера на булеварот „Борис Трајковски“ во Скопје од страна на полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи била извршена контрола на автобус со скопски регистарски ознаки, сопственост на правен субјект од Скопје, со кој се врши јавен превоз на патници (организиран превоз на деца).
При истата било констатирано дека во автобусот се превезуваат 85 патници, додека дозволено по сообраќајна дозвола е максимум 48 патници, односно возачот Ј.Д. (63) од Скопје, превезувал со автобусот 37 патници (деца) повеќе од дозволеното.
„Над возилото е извршен и вонреден технички преглед во овластена станица за технички преглед од страна на стручни лица, при што е утврдена техничка неисправност на возилото, односно неисправност на уредите за сопирање (сила на кочење на работна кочница и помошна кочница) и уредите што овозможуваат нормална видливост (скршено ветробранско стакло).
Против правниот субјект, одговорно лице во правното лице и возачот Ј.Д. (63) од Скопје се преземени соодветни мерки и ќе се соочат со законски предвидените санкции, додека возилото е исклучено од сообраќај се до отстранување на недостатоците.
Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со што заеднички ќе придонесеме за побезбедни патишта,“ велат од МВР.













