Започнува 18. издание на ЛИДЕР Проектот на Македонија2025, мини МБА обука за идни лидери и претприемачи

Денес официјално започнува 18. издание на ЛИДЕР Проектот, мини МБА обука наменета за млади професионалци, идни менаџери и претприемачи од Македонија.

Програмата се реализира во организација на Македонија2025, во соработка со престижната бизнис школа „Ричард Ајви“ од Канада, а поддржана од партнерот Кроација Осигурување.

Учесници од целата земја и оваа година ќе имаат можност да бидат дел од интензивна двонеделна обука, дизајнирана според МБА пристапот на „Ајви“ и прилагодена на реалните предизвици со кои се соочуваат стартапите, малите и средни претпријатија, како и идните лидери во корпоративниот сектор.

Програмата опфаќа клучни бизнис области како стратегија, маркетинг, финансии, управување со човечки ресурси, развој на производ, подготовка на бизнис план и лидерство. Наставата се одвива преку студии на случај, интерактивни симулации и практични вежби, дополнети со индивидуални менторски сесии со инструктори од Канада.

„ЛИДЕР Проектот е потврда за нашата заложба да изградиме генерација млади лидери кои ќе придонесат за економскиот развој и иновациите во Македонија. Вложувањето во знаење, претприемнички дух и лидерски вештини е клучно за создавање поконкурентна и одржлива економија“, изјави проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025.

Програмата е дополнително збогатена со гостински предавања од истакнати македонски бизнис лидери, кои ќе споделат практични искуства и увид во актуелните трендови. Обуката завршува со презентација на бизнис идеи пред комисија составена од претставници на бизнис заедницата.

Македонија2025 е меѓународна, независна и непрофитна организација посветена на унапредување на конкурентноста, претприемништвото, иновациите и вредносното лидерство, со цел создавање одржлив економски раст и посилна нација.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести