На што најмногу трошиме: Шампиони сме во плаќања со картички по ресторани, патувања и по салони за убавина

Платежните картички за македонските граѓани денес не се само инструмент за плаќање, туку и вредно искуство, забава и удобност при задоволување на секојдневните желби и потреби.

Ексклузивната анализа на Mastercard Economic Institute, презентирана од Вања Манова, регионален директор на Mastercard за Бугарија, Македонија, Албанија и Косово, покажа дека користењето картички во Македонија бележи силен раст во изминатите 30 години, од околу 130.000 картички во 2005 година до една картичка по жител денес.

„Купoвната моќ на домаќинствата е зголемена за околу 83% од 2003 година досега, а потрошувачките навики се значително променети. Денешните потрошувачи сѐ почесто се насочуваат кон практични и алтернативни производи. Забележлив е трендот „искуство наместо материјално добро“, при што трошоците за забава се речиси двојно зголемени во однос на 2000 година.

Македонија се вбројува меѓу земјите во регионот со највисока потрошувачка во ресторани, а потрошувачите сè повеќе даваат приоритет на убавина, уживање, вкусни задоволства и удобност“, истакна Манова.

Анализата покажува дека навиките на македонските граѓани при користење на платежните картички, драстично се промениле во последните две децении. Податоците покажуваат двојно зголемување на потрошувачката поврзана со рекреација и култура.

Луѓето за разлика од порано, најмногу трошат пари на театри, концерти, посета на паркови, зоолошки градини, фитнес центри, галерии, туристички атракции. За двојно е зголемена и потрошувачката за одмори и туристички пакет аранжмани, а сме и во топ три земји од регионот по потрошувачка во ресторани.

„Луѓето денес ги трошат нивните пари многу повеќе за искуство, отколку за купување на работи, и ова е тренд не само овде туку низ светот, бидејќи луѓето сакаат повеќе да уживаат во животот.

Тоа што рекреација и култура се зголемиле најмногу во споредба со другите категории, зборува дека луѓето се ориентираат да го поминуваат нивниот живот надвор од домот со своите пријатели и семејства,“ додава Манова.

Во однос на храната, и тука има промена во однос на навиките на купување, па така анализата покажува дека за разлика од 2002 година, во 2024 година купувањето на замрзнати пецива се зголемило за 1.200%, на бананите за 207%, на инстант кафето за 100%.

Од друга страна, потрошувачката на лебот е намалена за 30%, на благите работи за 50%.

Анализата покажува зголемување на потрошувачката за разубавување, а забрзано расте и потрошувачката за испорака на храна.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Од 1.000 плаќања во месец, до 1.000 во минути: Како се менуваа навиките на граѓаните во плаќањето со картички

Комерцијална банка најавува дигитална картичка

Какво ќе биде плаќањето во иднина – ќе користиме картички или вештачката интелигенција ќе го прави тоа за нас

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести