На Технолошко-металуршкиот факултет отворена новата Лабораторија за органска хемија

На Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, денеска свечено беше отворена новата Лабораторија за органска хемија.

Инвестицијата за реализација на оваа значајна едукативно-научна лабораторија во вредност од 2 милиони денари е обезбедена со поддршка од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Министерството за образование и наука, како и со сопствени средства на факултетот.

Новата лабораторија претставува современ простор кој ќе овозможи унапредување на наставно-научната работа и создавање подобри услови за едукација и истражување во областа на органските технологии.

На настанот се обратија министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, ректорката на УКИМ, проф. д-р Билјана Ангелова, како и деканот на Технолошко-металуршкиот факултет, проф. д-р Игор Јорданов, кои ја истакнаа важноста на оваа инвестиција за развојот на високото образование и научно-истражувачката дејност во државата.

„Во СТЕМ образованието, на кое се темели современиот технолошки развој, лабораториите претставуваат основен ресурс. Преку практична настава студентите најдобро учат, развиваат вештини и компетенции со кои стануваат поконкурентни на пазарот на труд и поподготвени за академска кариера. Со новиот Закон за високо образование овозможуваме воведување на стручни студии како дополнителна можност за студентите, покрај академските програми.

Оваа лабораторија е важна и за двата типа студии. На студентите на стручните студии ќе им го олесни непосредното вклучување во работните процеси. На академските студии, студентите овде ќе можат да вршат истражувања и да се вклучуваат во научна работа. Така што, ви честитам за новата лабораторија и посакувам успешна работа во иднина, а МОН ќе продолжи да ги поддржува ваквите иницијативи и инвестиции“, рече Јаневска.

За Ангелова овој значаен настан претставува уште еден чекор напред во развојот на научно-истражувачката инфраструктура и унапредувањето на наставниот процес. Новата лабораторија не е само современо опремен простор, туку и симбол на посветеноста кон знаењето, иновациите и иднината на науката.

„Органската хемија е темел на бројни индустрии – од фармацијата, преку прехранбената индустрија, до современите материјали и енергетиката. Со оваа лабораторија, на нашите студенти и истражувачи им овозможуваме услови да работат со најсовремена опрема, да ги продлабочуваат своите знаења и да создаваат нови вредности кои ќе имаат практична примена во општеството.Оваа инвестиција е доказ за нашата визија – да изградиме силна врска помеѓу образованието, науката и индустријата, и да создадеме кадар кој ќе биде конкурентен на домашнои на меѓународно ниво“, истакна Ангелова.

Со отворањето на оваа лабораторија, Технолошко-металуршкиот факултет, институција која повеќе од шест децении образува инженери за сите индустриски гранки во земјава, дополнително ги зајакнува своите капацитети за современа едукација, практична настава и научно-истражувачка работа, во согласност со најновите образовни и технолошки стандарди.

„Оваа современо опремена лабораторија претставува значаен чекор напред во едукацијата и истражувањата во областа на органските технологии Таа е особено важна и во контекст на новата концепција за гимназиско образование, која предвидува учениците во трета и четврта година да избираат природни науки и практичната настава да ја реализираат на некои од Факултетите.

Оваа современа лабораторија потполно одговара на овој концепт и очекуваме гимназиите кои гравитираат околу Технолошко-металуршкиот факултет да ги искористат капацитетите на лабораторијата и да ги изведуваат практичните вежби по предметите хемија, физика и биологија на нашиот факултет. Секако, придонесот е огромен и за нашите студенти – идни инженери, како и за наставно-научниот кадар на факултетот“, истакна Јорданов, во оваа прилика.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести