Започна процесот за укинување на техничката влада, која почна да се практикува со Пржинскиот договор од 2015 година, а се формираше на 100 дена пред парламентарните избори, па истата беше позната и како Пржинска.
Вчера во Собранието со 67 гласови „за“ на мнозинството и 13 гласа “против“ на опозицијата, беше утврдена потребата од нејзино укинување, што е првата фаза од процесот.
Истата се укинува со измените на Законот за Влада по скратена постапка, а предлагач е Владата.
Предлогот финално треба да биде изгласан од пратениците на пленарна седница, за што е потребно просто мнозинство, или најмалку 61 глас.
Против укинувањето се опозициските СДСМ и коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ.
Техничката влада имаше технички премиер кој го предлагаше актуелната власт, а во истата министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика ги предлагаше партијата во опозиција со најголем број пратеници во македонското Собрание.
Опозицијата, исто така, предлагаше и дополнителни заменици-министри во уште три министерства.













