Стопанска банка АД Скопје во првите три месеци од година остварила добивка пред оданочување од 799.419 илјади денари, и истата споредено со истиот период лани е пониска за 18%, соопшти Банката преку Македонската берза.
Како што велат од таму намалената добивка првенствено била резултат на регулаторните и пазарните услови, односно глобално намалените каматни стапки и провизии од платниот промет и меѓународните трансакции.
-Нето-приходите од камати изнесуваат 1.260.958 илјади денари и се намалени за 14% во однос на истиот период од минатата година, како резултат на трендот на намалување на каматните стапки поради промените во референтните каматни стапки и соодветното прилагодување согласноконкурентните движења.
Притоа најголемо учество имаат каматните приходи од кредитни активности, каматните расходи на депозитите поради зголемување на салдата, како и трансфер на значителен износ од сметки по видување во категорија на орочени депозити. Како компензаторен механизам се каматните приходи од позициите за ликвидност (меѓубанкарски пласмани, депозити и вложувања во хартии од вредност), кои поради зголемување на салдата, придонесоа со поголеми каматни приходи.
Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 221.697 илјади денари и се зголемени за 13% во однос на анализираниот период од 2025 година, како резултат на намалените расходи од провизии кои ги наплатуваат добавувачите на соодветните сервиси.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 50.464 илјади денари и се намалени за 14% во однос на анализираниот период од минатата година, пред сè, поради намалените маргини, како и поради намалената количина за продажба која компаниите ја нудат на банките за продажба и истата ја чуваат за сопсвени обврски, велат од таму.
Останатите приходи од дејноста изнесуваат 84.297 илјади денари.
-Останатите расходи од дејноста и трошоците за вработени изнесуваат 280.178 илјади денари и 346.621 илјади денари, респективно и се малку повисоки во однос на истиот период од претходната година, пред сè, како резултат на инфлаторните движења и промените во пазарните цени, велат од таму.
Заклучно со крајот на првиот квартал, Банката издвоила исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 140.179 илјади денари.
-Како резултат на сето наведено, остварената добивка пред оданочување и резервации изнесува 939.598 илјади денари, додека добивката пред оданочување на 31.03.2026 година изнесува 799.419 илјади денари и е за 18% пониска во однос на истиот период од минатата година, велат од таму.
Вкупната актива на Банката во овој период изнесува 157.501.786 илјади денари и е приближно на исто ниво во однос на крајот од минатата година.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Колкава дивиденда ќе дели Стопанска банка Скопје
Како работела Стопанска банка Скопје лани













