Во врска со узурпацијата на локалитетот „Камени кукли“ во кратовското село Куклица, каде здружението “Извор“ формирано од Милош Димитровски и неговата ќерка Стојна Димитровска Боотх им наплаќало на туристи влезници, тврдејќи дека е во нивна сопственост, со детали се огласија од Општина Кратово.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Од таму велат дека Општина Кратово и градоначалникот се спречени да постапуваат согласно член 7 од Законот за прогласување на локалитетот „Куклица“ за споменик на природата (“Службен весник на РМ бр. 103/08”), односно да се грижат, чуваат, одржуваат и навремено да ги преземаат пропишаните техничко-заштитни и други мерки.
-Причината за ова е фактот што подолг временски период локалитетот е бесправно и неосновано узурпиран и држан во владение од страна на Здружение „Извор“ – Кратово, одговорното лице Милош Димитровски, како и неговата ќерка Стојна Димитровска Боотх.
Наведените лица вршат неосновано и бесправно управување со просторот, присвојување на права кои не им припаѓаат, како и противправно збогатување преку неовластена наплата на влезници од посетители и туристи.
Дополнително, истите лица вршат сериозно загрозување на сигурноста и безбедноста на посетителите преку заплашување, лажно претставување, насилничко однесување и заплашување со кучиња.
Во оваа насока, Општина Кратово веќе обезбеди првостепена судска пресуда П1 бр. 7/2025 од 12.03.2026 година, со која тужените Стојна Димитровска Боотх, Милош Димитровски и Здружение „Извор“ – Кратово се задолжуваат да го предадат во владение на тужителот – Општинска установа „Музеј на град Кратово“ предметниот објект со утврдени мери и граници, како и дрвената куќичка – брвнара и да го ослободат просторот од сите предмети и ствари, во рок од 15 дена од денот на правосилноста на пресудата.
Пресудата е обжалена и во моментов се наоѓа на второстепена судска инстанца. По нејзината правосилност, Општина Кратово очекува нејзино брзо и ефикасно спроведување преку овластен извршител и со поддршка на надлежните државни органи, вклучително и Министерството за внатрешни работи.
Покрај наведената парнична постапка, Општина Кратово има поднесено и повеќе кривични пријави (К.бр. 22/2026 и К.бр. 7/2027) за кривично дело узурпација на недвижности кои се уште се во работа пред надлежното обвинителство, како и голем број на пријави и писмени поднесоци до надлежни институции, меѓу кои Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи, каде огромен број на претставки има пратено и од страна на голем број оштетени граѓани.
Меѓутоа за жал до овој момент, немаме добиено позитивни информации за превземени конкретни активности туку одредени паушални констатации, велат од таму.
Фото: Општина Кратово













