Летовите за евакуација на македонските граѓани од Блискиот Исток во вредност од 1 милион евра, биле платени однапред, над законскиот лимит, објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во истражувањето Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај (издание бр.2).
„Евакуациските летови од Дубаи и Ријад во март 2026 година се платени авансно, што е спротивно на Законот за јавните набавки, кој предвидува дека максималниот износ на авансот може да изнесува до 20% од вредноста на договорот.
Авансните плаќања не биле обезбедени со банкарска гаранција како што предвидува Законот и не биле однапред предвидени во тендерската документација.
За евакуациските летови се спроведени еден неуспешен и еден успешен тендер, по којшто е склучен договорот за закуп на авионите,“ се вели во истражувањето.
Во него се додава дека тендерите се спроведени во рамките на Законот за јавните набавки кој за итните ситуации дозволува директно контактирање на фирмите. Но, документите откриваат низа одлуки кои, земени заедно, ја оневозможиле реалната конкуренција.
„Првиот тендер во кој понуди биле побарани од 9 фирми е поништен. Во втората постапка, барањето за доставување понуда било испратено само до една фирма — Авиалог Скопје, за која МНР тврди дека дознала дека е претставник на FlyDubai.
Како доказ за поврзаноста меѓу Авиалог и FlyDubai, МНР достави картичка за ангажман во FlyDubai, која му припаѓа на физичко лице – основачот на Авиалог, но која не докажува деловна или правна поврзаност меѓу двете компании.
Фирмата доставува понуда следниот ден, на 6. март во 14 часот, по што во истиот ден следувале преговори, склучување на договор, издавање на фактура со датуми за првите 2 лета и плаќање на фактурата од страна на МНР,“ се додава во истражувањето.
Реакција на МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) ги отфрли како невистинити наводите изнезени во истражувањето на ЦГК.
Од МНР велат дека истражувањето не било поткрепено со докази со кои би се потврдило наводното незаконско постапување, додавајќи дека постапката е спроведена во рамки на законите, врз основа на заклучоци на Владата и со цел навремена и безбедна евакуација на македонските државјани.
„Особено загрижува фактот што во анализата целосно се игнорира контекстот во кој беше спроведена постапката“, велат од таму.
Оттаму негираат дека ја оневозможиле конкуренцијата во постапката, посочувајќи дека најпрво биле доставени покани до девет различни економски оператори, што, како што велат, претставува повеќе од доволен број за обезбедување конкуренција во услови на итност.
„Ниту една од поканетите компании не достави понуда. Дури по неуспешното завршување на првата постапка и по добиените информации од Амбасадата во Абу Даби дека авиокомпанијата ‘ФлајДубаи’ може да обезбеди летови, беше отпочната постапка со единствениот субјект кој во тие околности можеше со сигурност да ја реализира услугата.
Апсолутно неточно е тврдењето дека Министерството произволно избрало економски оператор. Изборот беше направен врз основа на информации добиени од дипломатско-конзуларната мрежа и по претходно исцрпување на сите други реални можности за организација на летовите“, посочуваат од таму.
Според МНР, во истражувањето на ЦГК целосно е изигнориран фактот дека „ФлајДуаби“ е национална нискобуџетна авиокомпанија на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), од каде што требаше да бидат евакуирани македонските државјани и тоа во услови на воен конфликт, кога националните авиокомпании на ОАЕ биле меѓу ретките реални и достапни опции за безбедна и навремена евакуација на граѓаните.
Во однос на наводите дека летовите во вредност од еден милион евра биле плаќани однапред и тоа над законски предвидениот лимит, од Министерството велат дека условот средствата да бидат исплатени пред реализацијата на летовите не бил утврден од МНР, ниту од избраниот оператор, туку претставувал објективен услов наметнат од локалните превозници и специфичните пазарни услови на Блискиот Исток во услови на воена криза.
„Во ситуации кога се спасуваат човечки животи, државата е должна да постапува брзо и ефикасно, а не да дозволи административни процедури да ја доведат во прашање безбедноста на сопствените граѓани“, додаваат оттаму.
Од МНР обвинуваат и за сензационалистичко известување во анализата на ЦГК и игнорање на фактите во постапката. Оттаму додаваат дека остануваат целосно отворени за проверка на сите аспекти од постапката, инсистирајќи на тоа дека е постапено согласно законите и во интерес на граѓаните.
Реакција на ЦГК
Го цениме фактот што МНР јавно се осврна на наодите од истражувањето. Сепак, сметаме дека реакцијата не дава одговор на повеќе суштински прашања поставени во истражувањето, стои во реакцијата на ЦГК на реакцијата на МНР.
-Најнапред, во истражувањето во ниту еден момент не се оспорува потребата од евакуација на македонските државјани од кризното подрачје, ниту пак се доведува во прашање обврската на државата да преземе итни мерки за нивна заштита. Напротив, истражувањето јасно го признава постоењето на вонредни околности и законската можност за користење постапка со преговарање без претходно објавување оглас.
Прашањата што ги отвора истражувањето се однесуваат на начинот на кој е спроведена постапката и на почитувањето на правилата за трошење на јавните средства дури и во услови на итност.
Министерството не понуди одговори како е направен изборот на првите девет фирми од кои е барана понуда, како и за изборот на единствениот понудувач во втората постапка за јавна набавка.
Во однос на авансното плаќање, Министерството наведува дека тоа било условено од пазарните околности и барањата на превозниците. Но, авансното плаќање не било предвидено во тендерската документација и не е во согласност со Законот за јавни набавки.
Според член 116 став 2 од Законот за јавните набавки, договорот за јавна набавка се склучува во согласност со условите утврдени во тендерската документација и во понудата. Ова значи дека плаќањето по извршување на услугата морало да биде наведено и во договорот. Ова секако не би ја ограничило фирмата да ги плати летовите од свои средства и потоа овие трошоци да ги покрие по наплатата на фактурата. Но, поставувањето едни услови во тендерската документација и потоа нивно менување во договорот не е во согласност со ЗЈН.
Воедно, со направената измена се ставени во нерамноправна положба и сите оние фирми до кои била доставена покана во поништената постапка. Во согласност со член 7 од ЗЈН, договорниот орган обезбедува еднаков третман на економските оператори во сите фази од постапката за јавна набавка и во однос на сите елементи од понудата, земајќи го предвид заемното признавање и сразмерност на барањата во врска со предметот на набавка. Договорниот орган мора да обезбеди еднаков третман на сите понудувачи во преговорите и информациите не смее да ги обезбеди на дискриминаторски начин, поради што некои учесници би имале предност во однос на другите. Со оглед на тоа дека тендерската документација има клучна улога во постапката за јавна набавка, таа мора да ги содржи сите информации неопходни за конкретниот предмет на набавка, со цел економскиот оператор да може квалитетно и навремено да ја изготви и да ја поднесе својата понуда.
Законот за јавни набавки не предвидува дека, во услови на постапка со преговарање без објавување оглас, во согласност со точка г) од член 55 став 1, доколку директно се загрозени безбедноста, животот и здравјето на луѓето, може да се даде 100 % аванс, и тоа без каква било банкарска гаранција.
Напротив, Законот за јавни набавки ја ограничува висината на авансното плаќање. Според член 103 став 2 од ЗЈН за договорните органи од класичниот јавен сектор, на кој му припаѓа Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, авансот не може да биде поголем од 20 % од вредноста на договорот. Воедно, според член 103 став 3, договорниот орган пред исплата на авансот задолжително обезбедува банкарска гаранција од носителот на набавката во висина на договорениот аванс. Склучениот договор на Министерството не ја предвидува банкарската гаранција.
Јавниот интерес налага сите јавни набавки, без оглед на нивната итност и чувствителност, да бидат предмет на отчетност и контрола, особено кога станува збор за трошење значителни буџетски средства, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Unsplash














