Конечно македонска компанија по неколку децении ќе биде главен изведувач на автопат во Македонија.
Една од најпознатите и најголемите градежни компании Гранит АД Скопје, која ќе предводи конзорциум, ќе го гради автопат Скопје-Блаце.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Конзорциум предводен од “Гранит“ ќе го гради автопатот Скопје-Блаце
Таа летово треба да почне да гради 10,5 километри од автопатот, кој е во вкупна должина од 12,5 километри. Од мај 2020 година во тек е изградбата на првата фаза од автопатот.
На автопатот ќе има пет тунели, две галерии, 12 мостови и околу 40 објекти, а треба да биде завршен за 3,5 години.
Која е Гранит
Гранит е формирана како компанија за конструкција на патишта за потребите на Социјалистичка Република (СР) Македониjа, согласно владината одлука на СР Македонија на 24. ноември, 1952 година.
Истата се приватизира во 1996 година и стана првиот градежен изведувач со приватен капитал во Македонија.
Импозантно меѓународно портфолио
Изминативе години македонските градежни добиваат скромни договори за работа во странство, но Гранит за изминатите децении може да се пофали со импозантно меѓународно портфолио.
Првиот договор во странство и на Блискиот Исток, го има склучено во 1969 година, за изградба на автопатот Хомс-Салет во Сирија.
Гранит учествувал и во изградбата на Цветендорф нуклеарната постројка во Австрија, во изградба на Кувајтската воената воздухопловна база, градел патишта и улици во Бенгази, Либија, воени аеродроми во Ирак, ја градел фабриката Novokuzneck Steel во Русија, работел и на рехабилитација на аеродромот во Софија, Бугарија, како и на аеродромот во Сараево, Босна и Херцеговина, работел и на албанскиот пазар, хрватскиот и украинскиот пазар, учестувал во рехабилитација на аеродромот во Приштина, Косово, а работел и на пазарот во Република Српска…
На што работел/работи во Македонија
Во Македонија работел на изградба на брана Злетовица и браната Света Петка, во реконструкцијата по земјотресот во Скопје, има договори со РЕК Битола за ископ на јаглен, бил дел од проектот за изградба на 145 училишни спортски сали, изградбата на Државниот архив, Уставен суд и Археолошкиот музеј, како и изградба и реконструкција на патишта и локални патишта низ Македонија…
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Гранит ќе добие уште 80 милиони евра за автопатот Кичево – Охрид
Во 2014 година Гранит потпиша договор со кинеската групација Sinohydro Corporation Limited Beijing за подизведувач на автопатот Миладиновци – Штип, делот Свети Николе – Штип, а потоа со истата групација и за изградба на автопат Кичево – Охрид, кој се уште се гради.
Кој е дел од актуелниот менаџмент
Во Управниот одбор (УО) на компанијата е Зоран Милковски, кој е и генерален директор. Тој е и член на УО на Стопанската комора, како и на Надзорниот одбор (НО) на Евроинс осигурување АД Скопје.
Друг член на УО е Андреа Серафимовски, кој е е претседател на Здружението на градежници при Стопанската комора и член на нејзиното Собрание, како и потпретседател на Друштвото за градежни конструктори.
Во УО се и Страшо Милковски (поранешен генерален директор и татко на актуелниот), кој е претседател на УО, Катерина Ѓердовска и Венко Зафиров.
Во Надзорниот одбор (НО) се Ивана Милковска Симева, која е претседател на НО, а исто така е и член на НО во Комерцијална Банка АД Скопје, како и Горан Марковски, кој ја вршеше фукцијата независен член на НО до мај 2025 година, по што поднесе оставка.
Нов независен член е Александар Стојков, редовен професор по економски науки, кој исто така е надворешен неизвршен член на Одборот на директори на Централниот депозитар за хартии од вредност, како и Виолета Божиноска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Гранит ги објави платите на надворешните членови на менаџментот
Страшо Милковски купи 3.000 акции на Гранит
Колкава дивиденда ќе дели Гранит
Фото: Влада












