Не можеме ние да ревидираме историја на барање на некој друг, вели меѓу друго во интервју за државната агенција МИА, македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, подвлекувајќи дека кога е во прашање евроинтеграцијата, Македонија е исклучок, па наместо помош, добива блокади.
Посочува дека во политиката има усогласување, ама во историјата нема.
-Значи ги политизираме историчарите. Како тоа ќе ја усогласуваме ние историјата? Се разбира дека не треба да имаме во читанките навреди, не треба да имаме несоодветни зборови, говор на омраза, меѓутоа не можете вие да ревидирате историја, бидејќи историјата е дел од нашиот идентитет.
Лошо е да живеете во историјата, ама да ја имате предвид историјата – тоа е нешто нормално. Секој народ има право на своја историја, на читање на историјата по свое. Не е добро ако вие живеете во историјата, вели таа меѓу друго.
Подвлекува и дека за ни една земја кандидат немало услов – уставни измени за почеток на преговори.
-Пазете, уставни измени за почеток на преговори. Такво нешто немало. Членство – имало пред членство, ама уставни измени за да почнете преговори…, вели тоа, посочувајќи дека вакви барања доаѓаат од соседи.
Вели дека европскиот пат на земјата е специфичен и поради фактот што уставните измени не се единствениот услов за преговорите, посочувајќи дека ваквата одлука од наша страна се носела без консензус на власта, опозицијата и граѓаните, а е значајна за нашиот идентитет и за државата.
Се осврнува и на говорот на омраза од бугарски граѓани кон Македонците во Бугарија, подвлекувајќи дека нема потешко и пострашно од говорот на омраза.
-Ние не сме најчестите клиенти кога се во прашање правата на бугарското малцинство во Стразбур, туку Бугарија е. Замислете вие, членка на Европската унија којашто не мисли дека треба да ги спроведе пресудите од Стразбур, вели таа меѓу друго во интервјуто.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Две нови блокади од Бугарија: За Акцискиот план за малцинства и за иницијативата “Три мориња“
Фото: Кабинет на претседателката












