Македонија уште не ги почнала преговорите поради тоа што не ги спровела уставните измени, а во меѓувреме веќе има нови блокади од „добрососедска“ Бугарија.
Таа е единствената земја од членките на Европската унија (ЕУ) која не го бендисала Акцискиот план за малцинства, кој е дел од преговарачка рамка, а кој е готов, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Прашан што конкретно не бендисал источниот сосед Мицкоски одговори „кога би знаел, ќе ви дадев одговор“.
-Акцискиот план за малцинства е готов, усогласен со експерт кој што го добивме од страна на Европската комисија, експерт за човекови права. Имаше две јавни расправи, како ниту една држава што го има направено и неофицијално ова го кажувам е усогласен со дваесет и шест земји членки, освен со една, рече тој подвлекувајќи дека Бугарија е исто така единствената земја која е против Македонија да биде дел од иницијативата “Три мориња“.
Инаку, Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е изработен на македонски и англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во блиска консултација со Советот на Европа и Европската комисија.
Станува збор за документ којшто содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции и е целосно усогласен со највисоките европски стандарди.
Инцијативата „Три мориња“ пак е регионален економски и геополитички форум кој ги поврзува 13. земји-членки на ЕУ лоцирани помеѓу Балтичкото, Црното и Јадранското Море. Целта на иницијативата е да го поттикне економскиот раст, да ја подобри енергетската и дигиталната инфраструктура, како и да ја зајакне трговската и транспортната поврзаност долж оската Север-Југ.
Фото: Игор Бансколиев













