Случајот со „шамарите во Аеродром“, кој деновиве силно ја вознемири јавноста, повторно ја отвори дилемата не само за насилството, туку и за улогата на оние кои биле сведоци на настанот. Дел од присутните снимале со мобилни телефони, други набљудувале без да интервенираат, а токму нивната реакција предизвика бројни прашања во јавноста.
Текстот на психологот Билјана Вуковиќ, објавен на нејзиниот Фејсбук-профил во кој од психолошки аспект го анализира случајот со „шамарите во Аеродром“, предизвика големо внимание во јавноста и на социјалната мрежа Фејсбук и на нејзиниот инстаграм профил psihodinamika.mk.
Во својата анализа, Вуковиќ објаснува зошто луѓето во вакви ситуации често снимаат наместо да помогнат, како функционира психологијата на толпата и зошто пасивноста може да биде подеднакво опасна како и самото насилство.
Таа појаснува дека ваквото однесување не е случајно и одамна е предмет на научни истражувања.
„Во психологијата постои феномен познат како Ефект на набљудувачот (Bystander Effect). Тој објаснува зошто луѓето имаат помала веројатност да му помогнат на некого кога околу нив има повеќе сведоци. Колку повеќе луѓе се присутни, толку помало чувство на лична одговорност чувствува секој поединец, бидејќи верува дека некој друг ќе реагира,“ објаснува психологот.
Таа посочува дека покрај дифузијата на одговорноста, постојат уште два важни механизми.
„Луѓето често ги набљудуваат реакциите на другите за да проценат дали ситуацијата е навистина опасна. Ако сите остануваат мирни, поединецот може погрешно да заклучи дека нема потреба од интервенција. Дополнително, многумина се воздржуваат поради страв дека ќе ја проценат ситуацијата погрешно или дека ќе бидат осудени и исмеани ако реагираат,“ вели Виковиќ.
Зошто толпата молчи?
Вуковиќ смета дека треба да го набљудуваме и односот на групата во моментот на насилството.
„Не верувам дека сите присутни мислеле дека она што се случува е нормално. Но, психологијата го познава феноменот на апатијата на набљудувачот (Bystander Apathy). Во првиот момент, човекот реагира со силна лична вознемиреност и автоматскиот одговор „борба, бегство или замрзнување“. Дури потоа се активира емпатијата, која го поттикнува просоцијалното однесување,“ појаснува таа.
Според неа, присуството на голем број сведоци дополнително ја намалува веројатноста некој да интервенира.
„Особено кај адолесцентите, огромната потреба за прифаќање од врсничката група може да биде посилна од личното чувство дека нешто не е во ред. Тоа не значи дека нивното однесување е оправдано, туку дека е важно да ги разбереме психолошките механизми за да можеме да ги спречиме,“ заклучува Вуковиќ.
Кога молчењето станува опасно?
Вуковиќ предупредува дека најголемиот ризик е кога пасивноста на мнозинството создава впечаток дека насилството е прифатливо.
„Кога никој не реагира, поединецот почнува да се сомнева во сопствената проценка и си вели: „Ако сите молчат, можеби јас грешам.“ Така постепено се создава илузија дека неприфатливото однесување е всушност нормално,“ објаснува психологот.
Доколку ваквиот процес трае подолго време и се повторува во различни ситуации, може да има сериозни последици врз целото општество.
„Кога подолго време молчиме пред неправдата, испраќаме порака дека таа е дозволена. На тој начин не само што се намалува веројатноста некој да помогне, туку постепено се нормализираат насилството и девијантното однесување,“ вели таа.
Што се однесува до однесувањето на насилникот во конкретниот случај, Вуковиќ предупредува дека јавноста треба да биде внимателна со поставување психолошки дијагнози врз основа на една снимка.
„Антисоцијалното растројство на личноста е релативно ретко и се јавува кај околу два до три проценти од возрасната популација. За да се постави таква дијагноза, потребно е лицето да покажувало сериозни нарушувања во однесувањето уште пред 15-годишна возраст. Затоа не можеме да заклучуваме дека секој што покажува насилно однесување има антисоцијално растројство,“ објаснува Вуковиќ.
Според неа, развојот на ваквото растројство е резултат на сложена интеракција на повеќе фактори.
„Раните трауми, физичката или емоционалната злоупотреба, занемарувањето, нестабилните семејни односи, но и генетските и невролошките предиспозиции можат значително да го зголемат ризикот. Траумата не е само физичко насилство. Таа може да биде и емоционално занемарување, растење со родители кои, поради сопствени проблеми, не се емоционално достапни за детето, како и растење без сигурна и стабилна приврзаност,“ појаснува психологот.
Критичкото мислење е клучно и се развива уште од најрана возраст
Според Вуковиќ, ваквите случаи треба да бидат потсетник дека емпатијата и критичкото размислување се развиваат уште од најрана возраст.
„Децата треба да ги охрабруваме да размислуваат со своја глава, а не автоматски да го следат мнозинството. Треба да ги учиме да се стават во туѓа позиција и да си го постават прашањето: ‘Ако ова ми се случуваше мене, како би сакал другите да реагираат?’ Токму така се развиваат емпатијата и чувството на лична одговорност,“ вели таа.
Вуковиќ потенцира дека молчењето на мнозинството никогаш не смее да биде критериум за тоа што е правилно.
„Важно е децата да знаат дека тоа што мнозинството молчи не значи дека мнозинството е во право. Понекогаш токму најхрабрата одлука е да бидеш единствениот што ќе реагира,“ појаснува таа.
„Децата најмногу учат од нас“
Вуковиќ испраќа порака дека одговорноста не е само кај младите, туку пред сè кај возрасните.
„Критичкото мислење, емпатијата и чувството за одговорност не се развиваат преку зборови, туку преку пример. Ако сакаме децата да реагираат кога некој е понижен, повреден или неправедно третиран, тогаш и ние како возрасни мора да покажеме дека не остануваме неми набљудувачи.
Подолго време имам впечаток дека како општество стануваме сè поапатични набљудувачи и дека постепено нормализираме многу девијантни појави. Ако сакаме идните генерации да бидат храбри, емпатични и подготвени да застанат во одбрана на другите, најнапред ние треба да им покажеме дека тие вредности навистина ги живееме,“ заклучува Вуковиќ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кривични за насилничките што тепаа малолетничка во Аеродром, но и за родителите за „запуштање дете“
Фото: Фејсбук/Вуковиќ














