Поранешниот премиер Никола Груевски доби ослободителна пресуда за случајот „Талир 2“, за пречекорување на службени овластувања и противправно финансирање на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ваквата ослободителна пресуда е исклучиво резултат на донесување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во 2023 година, а како директна последица на која што беше и укинувањето на првостепената пресуда во овој предмет, како што тоа го констатира Апелацискиот суд Скопје во второстепената одлука во овој предмет. Судот ќе истакне дека, и покрај тоа што оваа пресуда е сосема различна од претходно донесената во конкретниот предмет, сепак, анализата и оценката на доказите, утврдените факти и заклучоците изведени од страна на судот останаа непроменети.
Така што, при постоење на истите докази, врз основа на кои судот претходно утврди дека е сторено предметното кривично дело со „искористување на службената положба и овластување“, цени дека при постоење на истите тие докази, не се докажа надвор од разумно сомневање дека делото е сторено со друг вид на дејствија, односно со „пречекорување на овластувањата“ и со „неизвршување на службената должност“.
И како последно, но од најбитно значење за пошироката јавност е дека судот останува конзистентен во одлучувањето, во анализата и оценката на доказите, како и фактите кои произлегуваат од истите, на кои исклучиво ги темели своите одлуки, бидејќи само на тој начин може да се гарантира правото на правна сигурност на граѓаните во чие име судот ги носи своите пресуди,“ рече судијката Даниела Алексовска, во објава на пресудата
Трошоците за судската постапка паѓаат на Буџетот на државата, а Судот го одби и предлогот на Обвинителството за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.














